Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешниот работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија акредитирани во земјава.
-Сите сме целосно свесни за сложените геополитички предизвици со кои се соочува Европа, но и светот. Во време на извесности европската интеграција на Западниот Балкан претставува геотстратешка неопходност, која ќе придонесе за зајакнување на мирот, стабилноста и безбедноста на континентот. Ние ќе продолжиме со својата улога како конструктивен партнер, и пример во регионот, посветени на градење на добрососедски односи и регионална соработка. Ве уверувам дека нашиот фокус како Влада ќе биде уште посилно завртен кон спроведување на реформите во клучните области како владеењето на правото и правосудството, посветена и неселективна борба против коруцијата особено онаа од висок профил, унапредување на ефикасноста на институциите, реформата на јавната администрација и секако зајаканување на економските капацитети на државата, рече Муцунски.
Тој нагласи дека ваквата посветеност ќе продолжи во однос на обврските од реформскаста агенда и реализација на целите на Планот за раст како значаен инструмент за унапредување на економскиот развој, меѓусебната соработка и приближување на државата и целиот регион кон ЕУ.
Сепак, подвлече министерот Муцунски, процесот на пристапување кон ЕУ треба да остане кредибилен, заснован на заслуги и да обезбеди предвидливост. Напредокот кој го постигнуваме, додаде, мора да биде препознатлив, а поддршката од земјите членки е клучна во одржување на довербата во европската перспектива.
-Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Точно две децении во кои донесовме серија на крупни одлуки во која направивме болни компромиси во името на остварување на генерацискиот стремеж за членство во ЕУ. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја, и изнаоѓање на рационални решенија. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко. Притоа патот напред не води преку константа билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку заедничко со сржта на Европската идеја и нејзините вредности. Напротив потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат наместо да не делат, кои ќе градат мостови цврсто втемелени врз сето она што го споделуваме и сето она што не поврзува – рече Муцунски.
Тој очекува и конечен почеток на пристапните преговори и отворање на поглавјата оваа година.
-Се надевам и очекувам дека во 2025 година ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандаради и конечен почеток на процесот на преговори преку отворање на првите преговарачки области и поглавја. Заедно со вас, преку редовен дијалог и партнерство, убеден сум дека можеме да ги оствариме овие амбициозни цели – рече Муцунски изразувајќи очекување за успешна соработка во претстојната година.
Евроамбасадорот Михалис Рокас кажа дека со оптимизам гледа на претстојната година поради досега вложените многу напори, година која вели почна и со сечење на ленти за два многу важни проекти од Коридорот 8 и Коридорот 10. Тој при тоа го подвлече значењето на усвоената реформска агенда.
-Кога вложуваме напори во испорачување резултати докажуваме дека се е возможно. Се надевам дека оваа година нема да се однесува само на сечење ленти, туку и на напредок во процесот на пристапување. Имаме одлична платформа со која можеме да работиме, реформската агенда е одличен документ, но исто така содржи и важни квадратчиња кои треба да се штиклираат во годината 2025-та. Ги има многу и заедно мојот тим од Делегацијата на ЕУ ќе ви помага вам, на премиерот и на Министерство за европски прашања во унапредување на оваа важна агенда.
Тој потсети на новото водство во ЕУ, кое, вели, процесот на проширување го реенергизираше и го стави во фокусот на агендата на Унијата, а ги најави и посетите на новиот еврокомесар за проширување и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика во првиот семестар од оваа година во однос на дијалогот со земјава.
-Има многу разбирање и многу заедничка волја да се придвижи процесот во Брисел. Владеењето на правото е област од клучна важност. Правосудството, владеењето на правото и борбата против корупцијата се една област која ќе и овомзожи на Северна Македонија да направи голем исчекор напред, затоа што ќе се врати довербата. Тоа е нешто кое е навистина неопходно, ќе работиме рамо до рамо со Вас и со министерот за правда – рече Рокас уверувајќи дека годинава ќе биде одбележана со многу достигнувања на европскиот пат на земјава.