Фото: „Нова Македонија“

Вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје од овој месец ќе добиваат повисоки плати во просек за околу 22 отсто, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за јануари, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Во допис до медиумите МОН наведува дека со ова почнува исполнувањето на обврската на државата која произлегува од колективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа, потпишан на 29 декември 2022, а со примена од 1 јануари 2024.

-Вкупно 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица ќе почнат да добиваат зголемен износ на личниот приход по основ на плата за околу 22 отсто, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од март, кога е предвидено зголемување на минималната плата во државата. Станува збор за обврска согласно колективниот поединечен договор потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија како основач на високообразовната установа, а чија цел е унапредување на правата, можностите и материјалната состојба на вработените на универзитетот – информира МОН.

Според МОН, примената на договорот се очекува значително да ја подигне мотивацијата за работа и квалитетот на наставно-научниот процес, како што посочува, „во интерес на студентите и создавање што поквалитетни генерации кои успешно ќе се интегрираат и ќе раководат со општествените процеси“.

-Министерството за образование и наука во координација со другите надлежни институции ќе се залага за унапредувањето на правата на вработените во високото образование и науката да продолжи и во иднина, а приоритет ќе биде поттикнување на склучување нови колективни договори и со останатите универзитети – соопшти Министерство за образование и наука.