Авторите и рецензентите на учебникот по Историја и општество за петто одделение, вината за направените грешки во содржината, неосновано ја префрлаат ја префрлаат на Министерството за образование, тврди МОН преку соопштение испратено до медиумите.
– Должни сме да информираме дека по направените измени во учебникот кои им се сугерирани од страна на рецензентите, авторите на ЦД го имаат доставено учебникот до Националната комисија за учебници, заедно со допис во кој е наведено дека се работи за финална верзија, а рецензентите пак, имаат потпишано изјава дека нивните забелешки се имплементирани во таа верзија – се вели во соопштението.
Од МОН наведуваат дека авторите и рецензентите заедно со Националната комисија за учебници требале да ги надминат сите предизвици при изработката на учебникот.
– Сите предизвици кои им настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентите требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници. Членовите на комисијата, всушност преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен – заклучува МОН.