фото: МИМ

На годишниот конкурс за новинарски награди „Никола Младенов 2023“, новинарот Александар Димитриевски ја доби првата награда за неговата истражувачка сторија, објавена во емисијата „360 степени“, со наслов „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“.

Од Македонскиот институт за медиуми информираат дека серијалот текстови и видео-прилози на Димитриевски открива сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект во историјата на земјава –  изградбата на автопатите од страна на конзорциумот Бехтел-Енка.

– Обелоденувајќи ја намерата за местење на тендерот за надзор, којшто треба да биде единствената контрола врз „тајната“ изградба на коридорите 8 и 10 и трошењето на 1,3 милијарди долари јавни пари, новинарот демонстрира исклучителен новинарски ангажман, темелност и систематичност во  анализа и проверка на голем број документи и податоци поврзани со спорниот тендер – пренесуваат од Македонскиот институт за медиуми.

Втората награда за Најдобра истражувачка сторија МИМ ја додели на новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“.

– Мулачка, преку серијалот текстови објавува фрапантни податоци за сериозни пропусти и малверзации во лекување на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Низата стории го стегаат обрачот околу незаконското, неетичко и коруптивно дејствување на дел вработени на Клиниката, што го подигнува општествениот аларм и притисокот врз надлежните институции за преземање порешителни чекори – соопштуваат од МИМ.

Новинарот Мартин Пушевски е добитник на третата награда за Најдобра истражувачка сторија за серијалот текстови за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“, објавени на порталот „Дома“.

Од Македонскиот институт за медиуми соопштуваат дека серијата текстови за „Иловица“ откриваат како рудникот стигна на чекор до добивање дозволи за работа, наспроти загриженоста и реакциите на граѓаните и на стручната јавност за штетите што можат да бидат предизвикани врз животната средина во Струмичката Котлина.

Наградата за Најиновативен новинарски производ ја доби тимот на Истражувачката репортерска лабораторија за истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“, емитуван на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ.

– Истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ го редефинира новинарското раскажување и на иновативен начин ги презентира фактите и аргументите што произлегуваат од повеќемесечната истрага на новинарите за причините за една од најголемите несреќи во Македонија, пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во којашто животот го загубија 14 граѓани – соопштуваат од МИМ.

Фоторепортерот Томислав Георгиев ја доби наградата за Најдобра репортерска фотографија за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.

Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на новинарките Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Славица Филиповска Иванова и Јасмина Јакимова. Додека пак, на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најиновативен новинарски производ.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.