Фото: Маја Јаневска - Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски повика во Изборниот законик да се најде начин за гласање на дијаспората,  како што изјави вечерва, електронски или преку писма, со цел да се зголеми излезноста на изборите, а правото на гласање да се оствари на наједноставен начин.

Отворени сме, вели Мицкоски, уште денеска, утре, да разговараме за сите модалитети.

–  Јавно кажувам, дајте да најдеме начин како да го зголемиме гласањето на дијаспората. Не е битно дали тоа ќе биде електронско, дали ќе биде со писма. Дајте да најдеме начин, да најдеме некоја пракса во светот како би успеале на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин бидејќи сега, конкретно го давам примерот со австралискиот континент, вие треба да патувате и по 10 часа авионски за да го остварите своето право и да се вратите назад. Ретко кој ќе биде мотивиран и инспириран тоа да го прави, но доколку му овозможите преку својот паметен телефон или еве преку пошта, со писма или како било, нека се најде начин како тоа ќе се направи. Подготвени сме да седнеме да разговараме само да ја зголемиме излезноста кај дијаспората. Ние сме подготвени  повторно да преговараме. Имаме време да го завршиме Изборниот законик. Впрочем, и не се важни  средствата коишто ќе ги изгубиме. Важно е да имаме Изборен законик којшто ќе ги вклучува и содржи во себе препораките на ОБСЕ и ОДИХР и којшто ќе обезбеди поголема излезност за време на изборите, ние велиме, од претседателските ’29-та па натаму – рече Мицкоски во гостување на ТВ Сител.

Суштината, посочи, е да обезбедиме поголема излезеност на дијаспората, поголема комуникација меѓу татковината и дијаспората, затоа што целта ни е да ги вратиме тие луѓе. – Ова ќе им биде еден мост, едно чувство дека тие учествуваат во политиките во сопствената држава, во татковината од којашто поради икс причини заминале, некои засекогаш, некои привремено. Целта ни е нас да ги вратиме тие луѓе. Е сега, некој се одлучи да прави филибастеринг и да не го дозволи правото на дијаспората да се чувствува како да е дома- наведе Мицкоски.

Не може да прифати дека со електронското гласање може да се случи изборен грабеж, затоа што, како што рече,  не слушнал ниту еден аргумент како ќе се направи тоа.

– Ние сме земја членка на НАТО, врховен командант е претседателот на државата. Ние не би требало да влеземе во еден процес којшто во континуитет ќе рефлектира нестабилност. Или пак ќе се претвори во внатрешни политички претумбации или пазари и така натаму.  Суштината е дека со поголема излезност на дијаспората, ние имаме национално чувство поголемо кај нив. Има и економски аргумент. И сега ние имаме гласање на дијаспората, но само во дипломатско-конзуларните претставништва. Трошиме милиони праќајќи луѓе од тука да одат таму, да го спроведат процесот на гласање и да се вратат назад и во прв и во втор круг.  Имаме многу аргументи зошто треба да го поедноставиме тој процес, а не да го усложнуваме- рече Мицкоски.

Тој вели дека не знае зошто се случи најавата од СДСМ и Левица за флибастеринг на Изборниот законик иако се било договорено.   – Едните ќе правеле 10.000 амандмани, другите ќе правеле 3.500 амандмани. Во ред, се борат и Левица и СДСМ против дијаспората. Јас не ги разбирам зошто тоа го прават – рече Мицкоски.

Отворени сме, дополни, уште денеска, уште утре, да седнеме да разговараме за сите модалитети коишто ќе овозможат.  Прво, не можам да ги сфатам СДСМ зошто имаат чувството дека во 2029 ќе бидат опозиција, претпоставувам  уште од сега мислат дека ќе ги изгубат следните парламентарни избори, иако најавуваат во нивната реторика дека ќе ме апселе мене пред да сум се врател на факултет итн. Тоа значи дека тие уште од сега велат дека во 2029-тата година ќе бидат опозиција и власта тогаш ќе ги намести изборите, тоест ВМРО-ДПМНЕ. Во ред, тоа можам еве да го прифатам како констатација дека тие однапред признаваат од денешна оптика дека тогаш ќе бидат опозиција. Јас тој губитнички менталитет не го разбирам, но ете, тие го имаат тој губитнички менталитет – рече Мицкоски.

Логиката е, дополнува тој, дека не може да се наместат, а оној кој денеска зборува за наместени избори на коишто ќе биде жртва, е денешната опозиција. Тоа значи дека и тогаш тие сметаат дека ќе бидат опозиција, па власта е таа којашто ги организира изборите заедно со Државната изборна комисија и логиката е дека тие и тогаш ќе бидат опозиција. Во ред, тие така мислат, тоа е нивна работа. Но наша е како власт, како што беа локалните избори – имавме скандинавски локални избори во коишто помина и кампањата и самиот процес и во првиот и во вториот круг на гласање, навистина мирно- наведе Мицкоски, пренесува МИА.