На 1 август 2023 година во Конференциската сала на старото училиште во Крушево, со почеток во 10 часот, ќе се одржи Научна конференција „120 години од Илинденското востание“. Организатор на научната конференција е Матицата на иселениците од Македонија.
Научната конференција за отворена ќе ја прогласи претседателот на Македонската академија на науките и уметностите МАНУ проф.д-р Љупчо Коцарев, со пригодно обраќање пред присутните, а поздравен говор ќе одржи градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски.
Во рамките на научната конференција во 10.30 часот проф.д-р Катерина Тодороска ќе го промовира “Зборник на трудови – 120 години од Илинденското востание“, а проф.д-р Ленина Жила ќе ја промовира монографијата “Документи од Државниот архив на Македонија – 5 тома“.
На научната конференција со почеток во 11.30 часот ќе се претстават трудовите за Илинденското востание од учесниците Катерина Тодоровска, Владо Поповски, Наташа Котлар Трајкова, Билјана Ванковска, Васил Тоциновски, Ленина Жила и Јасмина Дамјановска, Силвана Сидоровска Чуповска, Валентина Миронска, Благица Сековска, Васил Стерјовски и Васко Гичевски.
Во 17.30 часот, Стојан Герасимов и Костадин Георгиев од Пиринска Македонија ќе одржат трибина „Нашата борба за македонството во Пиринска Македонија“. На трибината ќе говорат за репресиите на на бугарската држава кон Македонците во Пиринска Македонија.
На научната конференција ќе биде отворена изложба „Илинден во иселеничкиот печат“. Изложбгата ја подготви Елена Оровчанец – Спироска, а графичка обработка е на Кристијан Петрески.
Покровители на научната конференција се општините Крушево, Прилеп, Карпош, Куманово и Битола.