Фото: Принтскрин

Лекарите не се чувствуваат безбедно зашто сите имаат пациенти кои се зависници, психички нестабилни, со анксиозноно депресивни состојби, биполарни растројства – оцени денеска претседателката на Здружението на приватни лекари, Лили Чолакова-Дервишова.

Таа потсети дека од 12 до 16 часот, приватните лекари нема да работат со пациенти, во знак на почит кон колегата А. Т., матичен лекар кој беше најден мртов на паркингот пред поликлиниката „Железара“ од Скопје.

Лекарите бараат услови за безбедно работење и, како што напомена Чолакова-Дервишова, построги казни за напад на здравствените работници.

-Матичните лекари денес нема да работат од 12 до 16 часот за да го подигнеме гласот, да разговараме за нови закони кои би значеле појака заштита на здравствениот кадар каде казните би биле поригорозни, сѐ со единствена цел, да се чувствува безбедно здравствениот персонал. Луѓето кои работат во примарното здравство се столбот на овој здравствен систем, тие лекуваат и спасуваат човечки животи. На ваков начин не треба нити еден пациент не треба да биде незадовелен. Ние не ја знаеме причината, но во кругот на здравствен дом е убиен докторот, така што очекуваме органите на прогонот да ни кажат што се случува – изјави Чолакова-Дервишова по потпишувањето на Декларацијата за промоција и поддршка на вакцинацијата во Лекраската комора.

Според неа, пациентите имаат разбирање и почит за целата ситуација, ги поддржуваат.

-Ова не е дека ние не работиме или не сакаме да работиме, но навистина, само да стои на закон дека сме службени лица, гледаме дека тоа не врши никаква функција. За секој здравствен работник од примарното, секундарното и терциерното здравство ваков чин не треба да се повтори – нагласи Чолакова-Дервишова.

Телото на лекарот А. Т. беше пронајдено на 21 март, во неговиот автомобил, на паркинг пред зградата на поранешната клиника „Железара“ околу 23 часот од синот. На телото биле уочени видливи убодни рани од остар предмет. Обвинителството презема мерки за расчистувње на убиството.

Министерот за здравство, Илир Демири соопшти дека нема информации околу случајот со убиството на лекарот и дека очекува истражните органи и Министерството за внатрешни работи да ја спроведат истрагата.

-За жал, немам информација. Државата треба да ја спроведе истрагата. Тоа зависи од истражните органи и од Министерството за внатрешни работи. Јас, длабоко жалам за изгубениот живот. Треба сите да го осудуваме тој акт. Министерството за здравство го осудува актот – рече Демири на прес-конференцијата по повод Светскиот ден за борба против туберкулозата.

Министерот нагласи дека за да се намалат овие насилни напади врз здравствените работници неопходно е да се зголемат безбедносните мерки.

-Не знам како друго би можело да се намали влијанието и таквите насилни испади врз здравствени работници, освен во секоја институција да се зголемат безбедносните мерки. И да се подигне свесноста на населението дека здравствените работници се нивни пријатели, нивни слуги. Ова зависи многу од колективната свесност – рече Демири.