Фото: ВМРО ДПМНЕ

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска пред законодавниот дом го изрази своето незадоволство поради носењето на Предлог-Законот за административни службеници, кој е влезен во собраниска процедура во скратена постапка.

Со Предлог-законот за административни службеници, претседателот на КСС Благоја Ралповски вели се изземаат круцијалната права на работникот, вадење на минималната плата, како и непочитување на Законот за минимална плата.

-Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 01.01.2025 година, мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско – рече Ралповски.

Посочи дека поголемиот дел од работниците во јавниот сектор ќе продолжат да земаат минимална плата и нема да добијат усогласување на платите во март, и како што рече, не може да има државни службеници кои што земаат минимална плата, а да се бара професионалност од администрацијата.

-Оној закон што е закачен на ЕНЕР беше дозволен за јавна дебата, но овој закон не беше ставен на ЕНЕР, ние првпат го видовме во собраниска процедура. Овој закон е поставен шверцерски, без јавна дебата и не знам зошто пратениците од мнозинството се обидоа да не отфрлат нас како синдикати кои што баравме јавна дебата. Не знам која е потребата, ние кажавме уште при потпишувањето на општиот колективен договор дека имаме камен на сопнување, но и тогаш кажавме, а ќе кажеме и сега дека ќе си ги браниме нашите права онака како што ги браневме многу години наназад, низ протести и штрајкови – рече Ралповски.

Ветувањето при потпишувањето на општиот колективен договор од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, дека ќе се допреговара овој дел од Законот, Ралповски рече не е исполнето.

-Очигледно си најдоа партнер со којшто сакаат да си го потишат општиот колективен договор и овој дел што беше ветен од министерот Бесими и министерката Јована Тренчевска, не беше исполнет, така да се потпиша без да се реши овој проблем –  додаде Ралповски.

Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и јавна администрација, Стефан Андоновски заедно со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија го поддржаа протестот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), кој денеска се одржа пред Законодавниот дом поради носењето на Законот за административни службеници по скратена постапка.

Андоновски рече синдикатите не биле вклучени да ги кажат своите забелешки во последната верзија на Законот за административни службеници, како и дека се манипулира во јавноста дека тие биле вклучени во дебатата.

-Не знам што е потребата набрзина да се турка оваа верзија со европско знаменце знаејќи дека влегуваме во изборен циклус и мислам дека се прави поголема штета отколку корист, бидејќи ќе се создаде дополнителен хаос за овие вработени, затоа што ќе се поделат на два дела, помал дел кои што ќе земат определен надоместок во овој период, но поголем дел кој што ќе се соочи со намалување на платата, односно недобивање на она што им беше загарантирано со колективниот договор и со минималната плата од претходно – рече Андоновски.

Вели реформите во јавната администрација мора да бидат инклузивни и да се прават постојано.

-Со ова темпо на реформи кои што ги правиме во јавната администрација и со оценките на Европската Унија, ќе ни требаат 306 години за да го стигнеме нивото на ЕУ, доколу ЕУ застане со реформите во јавната администрација. Нашата поента е дека реформите мора да бидат инклузивни, но мора да се прават постојано – рече Андоновски.

Посочи дека во претходните верзии на Законот биле консултирани лица од ВМРО-ДПМНЕ, но како што рече, за оваа последна верзија тие не се консултирани и истата не ги вклучува барањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Луѓе од нашата партија биле консултирани за претходните верзии на Законот, но последната верзија не е комуницирана со нив и истата не ги вклучува барањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но уште повеќе не ги вклучува барањата на експертите, невладините организации, синдикатите. Не можете да дискутирате за една верзија на закон и да кажете дека сите се консултирани, а потоа сосем друга верзија да пратите во Собрание само истиот наслов да го задржите – додаде Андоновски.