Докторот објаснува дека компликации со здравјето може да се јавуват и шест месеци по прележан ковид-19, зависно од тоа како и колку организмот успеал да се справи со инфекцијата
Коронавирусот, според податоци на Институтот за јавно здравје, можеби го губи својот интензитет на заразување, но граѓаните секојдневно кај своите матични лекари се јавуваат поради низа на болести и пореметувања на здравјето, за кои се смета дека настануваат како последица од прележан ковид-19.
– Секојдневно се среќаваме со пациенти кои пријавуваат постковид последици. Загрижувачки е тоа што меѓу нив најзастапени се младите меѓу 25 и 35 години кај кои се развиваат болести кои претходно ги немале. Најчести се случаите на перикардитис, отежнато дишење, аритмија, а исто така застапени се и проблемите со тироидната жлезда, како и појава на голем број автоимуни заболувања – вели д-р Драган Ѓорѓиевски.
Тој вели дека дека голем е и бројот на пациенти се жалат на висок крвен притисок, замор или имаат пневмонија, а исто така и дека кај нив доаѓаат пациенти поради срцеви, невролошки и психијатриски проблеми.
Истражувањата на глобално ниво покажуваат дека 10 до 20 отсто од заболените имаат посериозни психијатриски проблеми, кои најчесто се манифестираат со симптоми на депресија и анксиозност.
– Голем е бројот на пациенти кои се жалат на несоница, заборавеност и сензорни нарушувања, а исто така присутни се и депресијата и анксиозноста како постковид-нарушувања кои најчесто се јавуваат кај помладите пациенти – додава д-р Ѓорѓиевски.
Докторот објаснува дека компликации со здравјето може да се јавуват и шест месеци по прележан ковид-19, зависно од тоа како и колку организмот успеал да се справи со инфекцијата.
– Сведоци сме на најразлични видови и форми на ковид-19 кои различно се манифестираа кај пациентите. Кај некои се јавуваа компликации веднаш по прележувањето на ковид, некои по неколку месеци, па дури и година, а има и такви кои не развија постковид компликации. Генерално се зависи од состојбата на организмот односно имунитетот и од тоа дали лицето имало други заболувања – вели д-р Ѓорѓиевски.
Тој додава и дека науката сè уште бара објаснување за влијанието и потеклото на ковид-последиците.
– Од тоа што ние го имаме како пракса, можам да кажам дека постковид последиците повеќе се јавуваат кај пациенти кои прележале потешки форми на ковид-19, односно со хоспитализација и кај пациенти кои прележале полесна форма на ковид, но не се вакцинирале. Многу е помал е бројот на постковид нарушувања меѓу вакцинираните пациенти за разлика од невакцинираните – констатира д-р Ѓорѓиевски.
Инаку, според последниот извештај на Институт за јавно здравје, во периодот од 4 до 9 април годинава тестирани се вкупно 1.195 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларна и антигенска проверка за присуство на САРС-ЦоВ-2, со намалување од 12,5 отсто во однос на една недела претходно. Регистриран e 141 нов позитивен случај, што значи намалување за 9 отсто во однос на недела претходно. Пријавено е едно починато лице од Куманово, на возраст од 75 години, кое имало коморбидитети.
Досега пријавени се вкупно 347.965 случаи на ковид-19. Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Куманово и Битола. Највисок морталитет се регистрира во Скопје, Куманово, Битола и Прилеп.