Премиерот Димитар Ковачевски (Фото: Маја Јаневска-Илиева)

Премиерот Димитар Ковачевски прифаќа лидерска среба, но само за прашања кои се стратешки, за прашања кои значат подобар живот на граѓаните и кои значат за справување со енергетската криза, но не и лидерска средба заснована на уцени и закани.

– Лидерска средба заснована на уцени и закани, а го гледаме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одбројува како во некој лош акционен филм, таква лидерска средба нема да има, тоа е ставот на сите политички партии, дури и од партии кои се во опозицискиот блок – изјави денеска Ковачевски на спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје, на „Отворениот ден за приказ на воздухоплови кој е дел од вежбата „Swift Response 22“.

Премиерот и овој пат го повтори коментарот што го даде за најавата од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за блокада на Собранието, нарекувајќи ја „неодговорна и за политички цели“.

– Барањето на опозицијата за лидерска средба за предвремени избори е неодговорно затоа што со блокирање на Собранието, во време на војна и во време кога цените на енергенсите и храната постојано растат, во време кога не може да се обезбеди транспорт на жито од Украина, каде што силосите во Украина се преполни, но поради тоа што се неупотребливите пристаништа во делот на Одеса и не може да се изнесе од Украина, во такви услови да барате предвремени избори е неодговорно и е за политички цели – рече Ковачевски.

Според него, не смее да се „дерогира работата на Парламентот преку одржување на лидерски средби, на кои, на политичко ниво, без никаква дебата би се разговарало за теми од оперативен карактер“. Ковачески додаде дека има коминикација меѓу сите политички партии, дека и тој е во комуникација со градоначалници кои на локално ниво имаат потреби за решавање на одредени предизвици со Владата.

Минатата недела највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди одлуката за активна блокада на Собранието, а нејзиниот лидер Мицкоски неколку пати изнесе барање за лидерска средба.