Преку антикризни мерки зголемена е минималната плата, просечната плата и пензиите, рече на предавањето во Дипломатската академија Виена, во Виена, Австрија, премиерот Димитар Ковачевски, зборувајќи на тема „Почеток на пристапни преговори со Северна Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“.
– Социјалдемократска партија која ја предводи Владата, ги негува и имплементира социјалдемократските вредности. Преку неколкуте пакети антикризни мерки обезбедивме зголемување на минималната плата. Оваа година постигнавме 100-процентно зголемување споредбено со 2016 година – кажа премиерот.
Тој посочи дека обезбедено е зголемување на просечната плата и на пензиите. Како што прецизираше, во март 2023, споредено со март 2016, просечната пензија е зголемена за 47 отсто, додека минималнта пензија се зголеми за 60 проценти.
– Само со ваков одговорен пристап се можни вакви подобрувања во вака краток период – изјави претседателот на Владата Ковачевски.
Тој истакна дека токму напорната работа, грижата за граѓаните и бизнис заедницата, од Светската Банка биле оценети како највисока поддршка во регионот.
Премиерот Ковачевски потенцираше дека во време на најтешка есен и зима, Владата успеа не само да го заштити стандардот на граѓаните, туку да ги врати парите назад кај граѓаните, што е суштината на социјалдемократијата. Тој изрази задоволство од препознаените напори на Македонија од страна на ЕУ со што не изостана нивната поддршка, особено за проекти во енергетскиот сектор кои би обезбедиле забрзана енергетска трансформација на земјата.
– Како премиер и претседател на СДСМ, се гордеам што како водечка партија ја свртевме државата кон европската агенда и не дозволивме напредокот на земјата да биде жртва на домашната политика. Не дозволивме внатреполитичките спорови да ги стават настрана реформите потребни кон приближување на стандардите и законите на Европската унија – кажа Ковачевски.
Тој додаде дека при носењето закони ќе се зајакне фокусот на реформата во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борбата против корупцијата.
Премиерот нагласи дека постои силна политичка волја и искрена желба за напредок во евроинтеграциите, како и јасно поставена цел, членство во големото европско семејство до 2030 година.