На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 21 пациент со западнонилска треска, од кои кај 18 е потврдено присуството на вирусот, додека за три лица се чекаат резултатите, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.
Од хоспитализираните пациенти, шестмина се на интензивно лекување. Клековски посочи дека досега се регистрирани вкупно 53 пациенти кои ја прележале, ја имаат или се сомнителни за западнонилска треска. Од нив, 50 случаи се потврдени, а три се сомнителни.
Кај 52 пациенти била утврдена невроинвазивна форма на болеста, додека еден пациент имал полесна форма без невроинвазивни симптоми и веќе е излекуван и пуштен дома.
Од пациентите кои биле лекувани на Клиниката за инфективни болести, 25 се излекувани и отпуштени на домашно лекување. Досега се регистрирани и пет смртни случаи поврзани со западнонилската треска.
Клековски информираше и за потврдениот случај во Куманово. Кај роднините на пациентот е спроведена епидемиолошка анкета, при што е утврдена изложеност на реката Пчиња. Надлежните продолжуваат со активностите за прецизно мапирање на можниот извор на изложеност.
Министерот посочи дека пациентите редовно се отпуштаат од Клиниката. Меѓу нив е и најмладата пациентка од Студеничани, додека се очекува наскоро да биде отпуштен и најмладиот пациент, 26-годишник од Зелениково. Кај помладите пациенти, како што објасни Клековски, болеста најчесто се манифестира во полесна форма.
Во однос на третманот, Министерството издаде ажурирано упатство до лекарите во одредени клиники и до матичните лекари за посебно внимание кај пациентите кои користат имуносупресивна терапија. Кај овие пациенти постои можност дел од тестовите да бидат лажно негативни, поради што се препорачува користење повеќе тестови за потврда на инфекцијата.
Клековски нагласи дека лекарите во анамнезата задолжително треба да проверуваат дали пациентите користат имуносупресивни лекови.
Во меѓувреме продолжуваат и активностите за сузбивање на комарците. Од 14 август досега е завршена четвртата тура авионско и земјено прскање против возрасни комарци во Скопје.
Авионското прскање било извршено на 20 и 21 август, додека земјеното прскање се спроведувало од 20 до 26 август.
Дополнително, по индикации се реализирани уште шест вонредни прскања. Во Гази Баба е опфатена површина од повеќе од 400 хектари, а второ прскање е извршено во Кисела Вода, односно во подрачјето на Драчево. Вонредни прскања се реализирани и во Зелениково, Студеничани, Бутел и Ѓорче Петров.




































