Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наполу намален бројот на запишани средношколци во Македонија

За оваа учебна година беа отворени речиси 30 илјади слободни места за прва година средно образование, но предвидената бројка е пополнета само половично

Податоците и бројките од Министерството за образование и наука (МОН), како и од Државниот завод за статистика, покажуваат дека бројот на запишани ученици во средните училишта рекордно се намалува. Бројките исто така покажуваат дека скопските гимназии „Јосип Броз-Тито“, „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Орце Николов“ не се наполнија ниту во вториот уписен рок за учебната 2023/2024 година, а од Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека конкурсот за запишување на учениците во гимназискотo образование е завршен само за „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Скопје. Познавачите велат дека оваа состојба во гимназиите може да се објасни со поголемата заинтересираност за средните стручни училишта, каде што се запишале две третини од вкупните ученици.

Во текот на двете пријавување се запишаа вкупно 15.481 ученик, од кои: 11.325 ученици за настава на македонски наставен јазик, 3.852 ученици за настава на албански наставен јазик, 298 ученици за настава на турски наставен јазик и шест ученици за настава на српски наставен јазик. За оваа учебна година беа отворени речиси 30 илјади слободни места за прва година средно образование, но предвидената бројка е пополнета само половично.

Намалување на наталитетот?

Доколку овие податоци се споредат со бројките од минатите години, очигледно е дека бројот на ученици во средното образование се намалил. Бројките на Државниот завод за статистика покажуваат дека во учебната 2009/2010 година во средните училишта во Македонија имало над 95 илјади ученици, додека во 2021/2022 година имало 71 илјада средношколци. Намалувањето е за над 24 илјади ученици или една четвртина од учениците.

Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика, вели дека годишно бројката на ученици во основните училишта се намалува од три до пет илјади, а тоа се одразува и врз бројката на запишаните средношколци. Во однос на намалувањето на бројот на запишаните средношколци, Герасимовски вели дека е потребна длабинска анализа на овие состојби од повеќе аспекти, нагласувајќи дека е потребна анализа на бројките и состојбите, како и колку завршиле основно образование и колку се запишале во прва година во средното образование.

Поранешниот директор на Заводот за статистика вели дека состојбата се должи на намалувањето на наталитетот, како и на живородените деца, односно поради иселување надвор од Македонија.
– На годишно ниво во просек губиме околу 5.000 илјади ученици во основните училишта, бројот се намалува и некаде за една деценија има помалку 50 илјади ученици, од некаде 250-260 илјади ученици – вели Дончо Герасимовски.

Според Герасимовски, во изминативе години трендот на родени деца надвор од Македонија постојано расте, односно околу една петтина чии родители одлучиле своите егзистенцијални прашања да ги решаваат во странство.

Дома бројките на ученици во надолен тренд, во странство обратно

Дека бројката на македонските деца што учат надвор до нашата држава се зголемува потврдува и Ана Тимовска-Митрева, која предава дополнителна настава на македонски јазик во Локарно, Муралто и околните места во италијанскиот кантон Тичино, Швајцарија.
– Откако сум ангажирана како наставничка по македонски јазик се шири кругот на заинтересирани ученици, се зголеми бројот на нови ученици, а со тоа и потребата да се отворат три нови училишта – вели Тимовска-Митрева.

Таа ја изведува наставата во пет училишта: „Скуола елементаре ди Салеџи“ во Локарно, „Скуола Медиа Локарно 1“ во Локарно, „Скуола Медиа Минузио“ во Минузио, „Скуоле комунали Муралто“ во Муралто и „Скуола елементаре ди Солдуно“ во Солдуно. Меѓу учениците има и деца од мешани бракови, мајка Македонка, татко Швајцарец или обратно, потоа мајка Македонка, татко Србин, Босанец или Хрват, мајка Русинка, а татко Србин, мајка Украинка, а татко Швајцарец. Д.Ст.