Сведокот во „Рекет“, Сашко Бошков, кој е адвокат на двајцата бизнисмени Зоранчо Митровски и Томче Главчев кои исто така се сведоци во случајот, рече дека имал две средби со Бојан Јовановски познат како Боки 13 во 2018 година.

На втората средба Бојан Јовановски му понудил на Бошков да нема предмети против Митровски во СЈО, доколку плати два милиона.

-На втората средба со Бојан Јовановски, која се однесуваше на медиумска поддршка бев со кошаркарот Владо Илиевски кој кога ми се јави ми рече дека му се јавил Боки и дека треба да одиме кај него во 1ТВ. Кога стигнавме, Боки ми рече „Ти си близок со Зоран Митровски“, јас реков „Да, тој ми е кум“, тогаш тој ми рече „Тој има предмети во СЈО, освен Поштенска банка, има и други предмети“, а јас не знаев за тоа. Боки се јави некаде, зборуваше на телефон, се слушаше женски глас. Тогаш Боки ми рече „Може и да нема предмети. Може да се заврши, треба да се плати два милиона“. По средбата, кога ме испраќаше, слезе Боки во ходникот, викна „Лазе“ по што дојде едно плаво момче, се поздрави, се претстави – сведочеше адвокатот Сашко Бошков.

Бизнисменот Митровски е сведок во „Рекет“, а истовремено е осомничен во истрагата „Поштенска банка“. Адвокатот Бошков кажа дека случајот е пријавен, но не кажа во која институција.

Во случајот „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски,  поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, а беше и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец.

Истрагата започна откако Јордан Камчев, осомничен од СЈО во случајот „Империја“, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет – различни суми за различни услуги со кои Јанева требало да ја олесни неговата положба во предметот за кој е осомничен.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на почетокот на месецов, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.