Фото: Архива

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против 24-годишна велешанка која во изминатите неколку дена извршила повеќе кривични дела – Загрозување на сигурноста од член 144, Насилство врз дете од член 201-а, како и Предизвикување општа опасност според член 288 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ОЈО, делата ги извршила последователно така што најпрво на 10 февруари при вршење семејно насилство му се заканила на сопствениот татко дека ќе го убие. Влегла во неговиот дом кршејќи ја вратата, па кога не го нашла, се упатила кон автобуското стојалиште каде го затекнала оштетениот и му упатила отворени закани со намера да го вознемири и да го заплаши.

На 12 февруари осомничена е дека извршила физичко насилство врз дете родено 2011 година, така што најнапред започнала вербална расправија, а потоа детето го удрила со нога во стомакот. Нешто подоцна истиот ден се појавила пред домот на оштетените со стап во раката и им се заканила на девојчето и нејзината мајка дека ќе ги убие, со што кај нив предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв.

Исто така, на 14 февруари го забележала девојчето во дворот на семејната куќа и  започнала да фрла камења кон оштетената. Девојчето побегнало, а осомничената продолжила да фрла камења кон паркинг простор каде имало паркирани возила и ученици кои чекале превоз. На тој начин предизвикала значителна опасност за животот и телото на присутните и оштетила два автомобила.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат дека осомничената би можела да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, но и поради опасноста да ги повтори кривичните дела или да ги изврши делата со кои се заканува и кои вклучуваат противправни дејствија и закани кон 13-годишно девојче, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот на обвинителството и ја определи притворската мерка за осомничената.