Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува бескомпромисна борба со нелегалната трговија со дрога.
– Во изминатиот период во повеќе наврати говорев за достапноста на дрогата по нашите улици и градови која во последните неколку години достигна алармантно ниво. Ветив дека МВР со сите расположливи ресурси ќе започне бескомпромисна борба со нелегалната трговија со дрога и во тој контекст нема да застанеме се додека и последната улица не биде исчистена од ова зло – објави Тошковски на својот Фејсбук профил.
На оперативно ниво, нагласува Тошковски, дадени се насоки и направени се планови за постапување кое во наредниот период ќе се интензивира.
– Само во овие два дена полицијата во низа оперативни акции во неколку градови приведе повеќе лица за трговија со дрога. Апсење во Чаир и Кочани, претреси на повеќе локации низ државата. Пронајдени се марихуана, бела прашкаста материја, пари, дигитални ваги. Случаите се расчистуваат и по целосно документирање ќе следуваат соодветни поднесоци – вели Тошковски.
Тошковски, исто така, потенцира дека нема да има пардон за секој кој се занимава со таков криминал или било кој вид на криминал.
– Законот мора да важи еднакво за сите – порачува Тошковски.