Фото: Архива

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, рече дека две и полгодишната затворска казна е неоснована и дека преку адвокатскиот тим ќе ја обжали одлуката, пренесе „МИА“. Тој смета дека во целиот процес не се докажала негова умисла за склучување на договорите.

– Јас само сум спровел умисла на други, односно на Владата, кои беа предложени од вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Јас спомнав во мојот завршен збор, примерите во Владата, кога се задолжува генералниот секретар, експлицитно се наведува кога е во прашање спроведување на јавните набавки, во овој случај не беше, а исто така и правните советници во Владата не се спротивставија. Не бев јас тој што ги гледаше договорите, туку ги гледаа правни стручњаци во Владата и во ниту еден момент не ми укажаа дека јас не треба да потпишам – рече Зеќири.

На Зеќири му остануваат уште 11 месеци во затвор, доколку остане на сила денешната одлука на Судот. Во казната затвор му се засметува и времето поминато во притвор и во куќен притвор. Прашан како ќе ги обезбеди 71 милион денари, Зеќири рече дека ќе видат каква ќе биде конечната одлука, бидејќи ќе ја обжалат пресудата.

Според пресудата што денеска ја објави судијката Фанка Јанчуловска Михаиловски, осомничениот извршил две временски поврзани дејствија, преку кои како службено лице, презел дејствие со намера за друг да прибави имотна корист.

Зеќири се товари дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.