Канцеларијата за контрола на странски капитал (ОФАЦ) при Министерството за финансии на САД денеска ја прошири листата со уште седум лица од пет земји од Западен Балкан, јавија од американскиот Стејт департмент.

Се работи за лица од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија кои се цел на Извршната уредба 14033, според која се казнуваат сите оние што претставуваат закана за стабилноста на регионот преку извршени акти на корупција, криминални активности и друго дестабилизирачко однесување, изјавија од Стејт департментот. Економски санкции се воведуваат за нив и за уште еден ентиет.

– Денешната акција ја засилува заложбата на министерствто да промовира одговорност за актерите од регионот на Западен Балкан вклучени во дестабилизирачки и коруптивни активности. Ова го поткопува владеењето на правото и економскиот развој и ги лишува луѓето од овие земји од можноста за стабилност – укажаа оттаму.

На црната листа од Македонија се најдоа имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

На листата се најде и фирмата којашто Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. LTD со адреса во Унгарија, којашто е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.

Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чекор како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите.

Покрај двајцата, забрана за патување во САД има и за нивните семејства. Тоа значи дека Груевски, Мијалков и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД.

Проширувањето на црната листа е донесено во согласност со декретот на претседателот на САД, Џо Бајден од минатата година со кој се дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и во Македонија.

Декретот носи наслов „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“.