Во Основниот кривичен суд Скопје во врска со случајот „Софтвери“ денеска сведочеше сопругата на обвинетиот Ивица Димитровски, Ивана Димитровска, како и вешто лице од областа на економско вештачење, Гордана Новеска.
На прашања на одбраната на обвинетиот Димитровски, сведокот Ивана Димитровска кажа дека била запознаена со проектите кои нејзиниот сопруг ги работел во 2019 и 2020 година.
На прашањето дали била запознаена со проектите што му биле со Генералниот секретаријат на Владата, таа одговори да.
– Беше посебно возбуден за изработка на тие проекти, бидејќи едно што му беа од областа, така и се чувствуваше корисно и имаше чувство дека придонесува за доброто на државата – рече таа.
Преку испитувањето, сведокот раскажуваше за претресот извршен во нивниот дом како и за случувањата една недела по претресот и за распитите на нејзиниот сопруг во обвинителство.
– Кога се врати од распит беше без волја за живот, вџашен, уплашен, потресен. Го прашав што се случи? Тој ми кажа дека трпел омаловажување, навреди и дека не е свесен зошто се случува целото тоа – рече таа.
Прашана дали додека работел на проектите со генералниот секретаријат со неа споделил чувство на страв, таа одговори не, туку, како што рече, напротив, бил возбуден што ја има честа да придонесе.
Обвинителката постави прашање во врска со еден од мобилните телефони, дел од претресот, како и за тоа дали сведокот е запознаена дека кога дошле да го земат нејзиниот сопруг за во обвинителство, присутните биле запознаени дека пред да оди во обвинителство нејзиниот сопруг се сретнал со тогашниот премиер, прашање, на кое, сведокот одговори дека таа не би можела да знае.
Вториот сведок беше техничкиот советник, Гордана Новеска, вешто лице од областа на економско финансиско вештачење, која сведочеше во врска со наоди од трансакциската сметка на обвинетиот Ивица Димитровски, а кои се однесуваат на добиените хонорари, одливи и уплати.
Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.