Фото/Илустрација: Игор Бансколиев

По трагедијата на железничката станица во скопски Илинден

Детското невнимание доведе до трагедија што ја потресе јавноста, кога 14-годишно девојче завчера го загуби животот по струен удар, откако се качило на вагон на железничката станица во скопската населба Илинден. Од МВР соопштија дека три другарки-тинејџерки дошле на станицата околу 21 часот, при што настраданото девојче починало на самото место на несреќата. Дел од медиумите, пак, неофицијално објавија дека тинејџерката се качила на вагонот со намера да снима видео за социјалната мрежа Тикток. Ваквата можност укажува на опасностите по младите кои се впуштаат во ризици во желбата за стекнување популарност, како и за потребата за едукација на децата и на родителите, за да се избегнат вакви трагедии.

– На децата им е потребен старател бидејќи немаат развиена критична проценка за значењето на животот и за чувањето од ризици, односно дека можат и да го изгубат животот поради желбата за популарност на социјалните мрежи. Возрасните треба да ги научат младите како да проценат дека објавата на социјалните мрежи не е вредна за да се изгуби животот. Наше е да ги учиме, да разговараме со нив, бидејќи сите се изложени на социјалните мрежи. Младите гледаат трендови и сакаат да пробаат, но не се свесни дека виртуелната и вистинската реалност се различни, дека по смртта нема да се вратат повторно како лик во филмовите. Кај младите постои чувство на бесмртност, односно не се свесни за конечноста, па послабо размислуваат во одредени ситуации – вели психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.

Фото: Приватна архива/Мирјана Јовановска-Стојановска

Комуникологот и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, Бојан Кордалов, нагласува дека е важно да се зборува за ризиците, како и да се подигне свесноста на родителите, но и во образованието.

– Една од најдобрите практики е јавно да се зборува за постоењето на ризици. Основно е да се подигне свесноста на родителите за предностите и ризиците на интернет, а крајно време е и образованието да се прилагоди и да прифати дека децата се раѓаат и живеат во време на користење на социјалните мрежи. Сѐ друго е лична одговорност која води преку возрасните. Тие треба да разберат дека интернетот не е страшна појава и да се едуцираат. Доколку зборуваат колку интернетот е лош и колку нѐ отуѓува едни од други, на тој начин само ги дистанцираат децата од себе и се создава генерациски јаз. Фокусот мора да биде на младите и на времето во кое живеат, а не на нас. Само така ќе излезат најдобрите практики што би можеле да ги заштитат младите – објаснува Кордалов.

Фото: Приватна архива/Бојан Кордалов

Потребно е младите да развијат вештини што ќе им дадат самодоверба и чувство дека се добри во нешто настрана од социјалните мрежи, според д-р Мирјана Јовановска-Стојановска.

– Потребно е младите да најдат содржини во реалниот живот кои ќе им дадат чувство дека се добри во нешто и преку кои ќе бидат популарни. Тоа може да биде преку спортот, свирење на одреден инструмент, покажување успех во училиште или развивање на некоја вештина. Сите можат да бидат добри во нешто. Потребни се и системски промени во образованието и во општеството, развивање на стратегија која ќе се заминава со оваа тематика. Бидејќи во сегашната ситуација, јас ќе зборувам за проблематиката, медиумите ќе се занимаваат со неа и ќе апелираат, но прашање е колку тоа ќе допре до младите и колку ќе влијае – смета Јовановска-Стојановска.

Слична несреќа поврзана со снимање на видео за Тикток се случи пред неколку месеци во скопско Маџари, кога 17-годишна девојка на идентичен начин доби тешки изгореници по телото.