Фото: МИА

Првото рочиште за „Таргет-тврдина“ почна со доцнење од половина час и петминутна пауза, за потоа да се одложи бидејќи поранешниот шеф на Одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, не бил спроведен во Кривичен суд од куќен притвор. Ова е причината поради која судијата Илија Трпков по евидентирање на присутните, не можел да продолжи со воведен збор на обвинителот, објавува „Макфакс“.

– Обвинетиот Тони Јакимовски не е спроведен – рече Трпков.

Сите други обвинети беа спроведени, вклучувајќи ги Сашо Мијалков од затворот во Струга и Гордана Јанкулоска од затворот „Идризово“. Судијата Трпков, даде пауза, за да види што се случува со Јакимовски и зошто не е спроведен.

– До обвинетиот покана била пуштена, ја примил уредно. Но наредба нема стигнато. Со доставницата не е пуштена и наредбата. Останува судењето за утре – кажа Трпков.

Предметот „Таргет-тврдина“ е на пат да застари, а одговорност за масовното прислушување да нема. Кривичен суд кажа дека Трпков планира да го стави судењето на брза лента, со зголемена динамика на рочишта. Следното судење е закажано за утре, но одржувањето е неизвесно.

За делата на Мијалков и другите обвинети да не застарат, правниците сметаат дека е важен секој ден оти се пред застарување. Предметот е обемен, а пред пресудата да биде укината, процесот од првото судење до одлуката на Апелација траеше пет години.

Ако динамиката тече исто како и претходно, а делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, односно за две години, тогаш пресметките покажуваат дека е невозможно да се дочека одговорност за масовното прислушување.

Застарувањето на делата за Мијалков и другите обвинети за прислушувањето ќе значи дека државата ќе треба да плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани. Ова е трето по ред прислушување, кое е на пат да остане неказнето.

Претходно, Кривичниот суд донесе осудителна пресуда, а Апелација ја укина. Образложението зошто предметот треба да се суди одново е дадено на седум страници. Меѓу другото, главната забелешка била што во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и другите се прогласени за виновни. Апелација бара и да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.

Апелациските судии Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева го држеа предметот една година и 10 месеци. Доколку не го вратеа предметот на повторно судење, а со преотворање на главната расправа и повторен главен претрес, можеа да пресечат дали обвинетите се виновни или не. А потоа ќе се произнесеше Врховниот суд.