Судскиот совет од Основниот суд во Битола ја преиначи мерката притвор во куќен притвор за Ламбе Алабаковски, прифаќајќи ја жалбата поднесена од неговиот адвокат Дарко Стефановски. Алабаковски попладнево го напушти притворското одделение од затворот во Битола и е спроведен во неговиот дом.
Полицијата ќе го контролира Алабаковски додека е во куќен притвор. Неговиот дом веќе е под полициско обезбедување од СВР Битола.
Пејачот е осомничен за подметнување пожар во бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола во саботата. На Алабаковски му беше одреден осумдневен притвор по признанието оти го подметнал пожарот во бугарскиот културен центар. Тој беше во притвор од завчера. Во Битола вчера беше одржан протест на кој се бараше ослободување на Алабаковски.
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против Алабаковски за кривичното дело – предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик, што предвидува затворска казна од шест месеци до пет години. М.М.