Охридската полиција ќе поднесе кривична пријава за 38-годишната охриѓанка (В.С.), која повика на палење на Евреите што престојуваат во Охрид.
Како што информираа од МВР, при разговорот В.С. изјавила дека таа во текот на вчерашниот ден ја објавила содржината, а денеска самата ја избришала.
– Денеска (22.2.2022), полициски службеници од СВР Охрид извршија службен разговор во СВР Охрид со В.С. (38) од Охридско, која во текот на вчерашниот ден на социјалната мрежа Фејсбук објавила содржина со која извршила кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, казниво по член 394-г од Кривичниот закон. При разговорот В.С. изјавила дека таа во текот на вчерашниот ден ја објавила содржината, а денеска самата ја избришала. По целосно документирање на случајот, до ОЈО Охрид ќе биде поднесена кривична пријава по член 394-г од Кривичниот закон – велат од МВР.
Полицијата уште вчера доцна попладнето почна со преземање активности за да ја пронајде охриѓанката откако таа напиша: „Море, не само сектата, запалете го и хотелот сосе сектата“.
Ова е прва реакција и кривична пријава откако Евреите, кои во Македонија ги нарекуваат сектата Лев Тахор, се прогонувани во Куманово, Скопје и во Охрид. Некои од видеата што се објавувани од нив на социјални мрежи, иако тие барале да не бидат снимани – сега се избришани. Во сите три градови во кои престојуваа тие се непожелни гости. На социјалните мрежи постојат заговори за нивната религија, кои се непотврдени.