Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по поднесено известување од Министерството за внатрешни работи за извршена кражба во просториите на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје, ги издава сите потребни насоки и наредби за откривање на сторителите.
-Настанот се случи ноќта меѓу 15 и 16 март, кога непознати сторители со употреба на сила, освен во објектот на Културно-информативен центар на Република Бугарија, на сличен начин влегле и во уште два угостителски објекта во непосредна близина. Од угостителските објекти биле одземени пари, а од Центарот е одземен еден монитор од компјутер – се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
При увидот од СВР Скопје, како што се посочува во соопштенито, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител се обезбедуваат и снимки од видео надзор.
-До овој момент сите индиции и докази упатуваат дека единствен мотив во конкретниот кривичен настан е противправно присвојување предмети, односно станува збор за кражба. Надлежните институции постапуваат за откривање на сторителите – велат од Јавното обвинителтво.