Фото: Игор Бансколиев

Бизнисменот одговараше на испрашувањето на Боки 13

Бизнисменот Јордан Камчев пред Граѓанскиот суд одговараше на прашања од тужениот Бојан Јовановски – Боки 13, за тоа каде првпат пријавил дека е рекетиран, односно за барањето пари од Јовановски со кои требало да се сопре обвинението за предметот „Империја“ против него.

Бојан Јовановски – Боки 13: „Кога е стапено во контакт со тогашниот директор на УБК, Горан Николовски-Џони?“

Камчев: „Додека бев во домашен притвор“

Бојан Јовановски-Боки 13: „Што му било кажано, какви насоки добил?“

Камчев: „Не ценам дека треба да одговорам. Пријавено е. И толку. Јас кажав дека адвокатот добил насоки, кои потоа ги спровел. Јас не примив насоки од директорот“.

Бојан Јовановски-Боки 13: „По усната пријава до директорот на УБК, додека издржувал притвор, што направил?“

Орце Камчев халуцинира, рече Катица Јанева за сведочењето на бизнисменот дека бил рекетиран

Камчев: „Јас продолжив да контактирам со Бојан. Кога се создадоа услови, целиот настан го пријавив во ОЈО – ГОКК. Дадов електронска комуникација со првотужениот, како и она што јас го запишував, мои белешки“.

Бојан Јовановски-Боки 13: „Правосилната пресуда со која се парадира овде е пред највисокиот суд во државата, со барање користење вонредни правни лекови. Се надеваме дека со таа пресуда, која со оглед на овие сите небулози и недоречености, ќе ја докажеме вистинската фактичка состојба. Знам дека не е тука местото. Апелирам до Врховниот суд да ги цени сите околности за случајот „Рекет“, чија единствена цел е спас на Орце Камчев, кој е најдокажаниот проневерувач во државата“.

Боки 13 го праша Камчев дали го познава Зоран Заев, а бизнисменот одговори потврдно.

– Сум имал средба со него. Разговарав за рекетот што го правеше Бојан Јовановски преку „1ТВ“ и неговата организација „Меѓународен сојуз“. Не сум разговарал за случајот „Империја“. Немам што да зборувам за тоа, не е Заев обвинител или судија – изјави Камчев.

Боки 13 праша, ако Заев не е обвинител или судија, зошто разговарал со него за рекетот што го споменал претходно. Бизнисменот рече дека на средбата со експремиерот немало други лица.

– Мотивот беше да биде информиран дека тоа што се случува, дека јас и група бизнисмени сме принудени да се рекламираме и ни се нудат фиктивни проекти. Јас кај Заев не бев да пријавувам, туку да укажам на работи. Првин се сретнав со Заев, тоа беше средба пред пријавата – рече Камчев.

Камчев беше прашан и дали додека бил во домашен притвор (периодот пред да ги даде тие 1,5 милион евра) бил посетуван од политичари во својот дом и кој доаѓал.

– Ниту еден политичар не го посетил мојот дом, го посетувале моите најблиски пријатели, фамилијата, Бојан Јовановски“ – тврди Камчев.

– Сега се потврди една лага, каде што тужителот кажува дека не му доаѓале политичари, а пред Кривичниот суд вели дека му доаѓале 4-5, ама не знаел зошто Обвинителството не ги споменало – коментира Јовановски пред судот.

Камчев ја повлече тужбата против Кичеец

Камчев реагира дека Бојан Јовановски претерал со коментарите и со прашањата.

Прашања до тужителот Камчев имаше и судијата Андреј Димовски, кој најпрвин го праша дали било реализирано тоа што било платено, а бизнисменот негира. Во текот на судењето судијата праша и дали било поднесено обвинение за „Империја“, на што Камчев одговори потврдно.

Судијата праша: „Знаете дека рекетот е кривично дело ако ги платите тие 1,5 милион евра? Сте можеле да ја одбиете понудата“, а бизнисменот одговори: „Јас направив тоа што мислев дека е најпаметно за мене и да ја спасам државата од луѓето што правеа измама на бизнисмени“.

„Можам да разберам дека доброволно се согласивте да ги исплатите?“, праша судијата, а бизнисменот се бранеше: „Јас ги исплатив паричните средства, 1,5 милион евра, за да имам доказ, потоа да го документирам случајот и напоменувам дека во периодот кога беа исплатени парите јас бев во притвор и немав можност да се одбранам“.

Прашан дали имал адвокати, Камчев рече дека имал, но немал доверба за да пријави додека бил во притвор: „Во тој момент немате ниту доверба во сите адвокати, го направив она што најдобро го знам“. Судијата го праша зошто писмено не пријавил за случајот „Рекет“ кај институциите, Камчев рече: „Адвокатот беше пријател со директорот на АНБ“. Според Камчев, тој имал средба со Катица Јанева. „Јас во два наврата кога бев повикан во СЈО, додека бев во куќен притвор, остварив непосредна средба со Катица Јанева. На средбата беа присутни адвокати, а кога заврши, Катица им кажа на обвинителката и на адвокатите да излезат од просторијата и рече: ‘Тоа што е со Бојан, да се заврши’“, рече Камчев. Прашан кога биле платени 1,5 милион евра, Камчев рече: „Парите беа исплатени по излегувањето од притвор на слобода. Ги алармирав институциите во предметот познат како ‘Империја’, сѐ уште не е поднесено обвинение, истиот предмет се наоѓа во фаза на истрага“.

Расправата беше на рочиштето за тужбата за оштетното побарување на Камчев од обвинетите Јовановски и Јанева во случајот „Рекет“, одржано денеска во основниот граѓански суд – Скопје. На денешното рочиште, тужителот Камчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец, кој, покрај Јовановски и Јанева, беше еден од тужените од кои Камчев претходно бараше да му се исплати штетата. На денешното рочиште прв исказ даде тужителот Орце Камчев, кој хронолошки ги образложи случувањата преку кои тој смета дека му е нанесена штетата.

Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да бара поблаги мерки против Орце Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.