Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите вулканизери со кои се консултира екипата на „Нова Македонија“ едногласно одговорија дека кога ќе поминеме преку дупка, ако забележиме дека нешто тропа, ако воланот нема правилна насока на движење или дека има вибрации на воланот, тогаш имаме знаци дека нешто не е во ред со т.н. „суспензија на возилото“ и дека е потребно што побрзо да се посети сервис пред редовниот технички преглед на возилото и да се поправи неисправноста

Од проектот на „Нова Македонија“ за безбедност во сообраќајот: Влијанието на оштетените коловози врз сигурното одвивање на сообраќајот

Речиси и да нема улица низ земјава што нема нерамнини или дупки (некаде и длабоки и со остри рабови т.н. ударни дупки), а има и доста голем број проблематични шахти, кои се во големи вдлабнатини, лежечките полицајци исто така се распаднати, од некои од нив дури и стрчат шрафови, кои при поголема брзина можат да ја парчосаат гумата. На сите овие проблеми на улиците заедничко им е тоа што им создаваат големи главоболки на возачите, бидејќи мора да развијат специјални возачки вештини за да ги избегнат.

Причини за настанување на оштетувањата на улиците

Неоспорно е дека човечкиот фактор е најчеста причина за случувањето на сообраќајните несреќи, меѓутоа во тоа голем удел секако имаат и оштетувањата низ улиците. За регионалните патишта воопшто и да не зборуваме, а делови и од автопатиштата се во очајна состојба. Оштетувањата на улиците не предизвикуваат само сообраќајни проблеми туку и големи и сериозни оштетувања на возилата.
Според сообраќајните експерти, оштетувањата на асфалтот на улиците се нормални, особено кога има големи температурни осцилации.
– Кога ќе се појави микропукнатина, се крши асфалтниот слој. Ова е најчеста причина. Тие дупки ги делиме на помали и на она што ние го нарекуваме дупки. Тие се опасни, таму имате директно влијание врз механизмот за управување. Сега на возачите им е релативно полесно бидејќи имаат возила со сервоволани, кои многу лесно и брзо се вртат. Порано беше тешко затоа што немаше такви волани, па беше невозможно толку лесно да се заврти. Сепак, тоа не значи дека е лесно. Има многу ситуации во кои за возачите е невозможно да ја избегнат дупката или кое било друго оштетување, па се принудени да возат преку дупките и со тоа да си причинуваат штета на возилата – вели сообраќаен експерт, кој сакаше да остане анонимен.
Тој додава дека не е проблем само за возачите туку и за оние што возат мотори, велосипеди, електрични тротинети…, а потенцира дека најголемите оштетувања се прават во зимскиот период, особено кога паѓа снег, бидејќи се фрлаат сол и песок, мешавина што го јаде асфалтниот слој, па во тој период и се прошируваат дупките.
– Проблемот може да биде и во тоа што кога луѓето ги избегнуваат тие дупки, таа реакција може да предизвика верижна реакција на други возила. И тоа може директно да биде причина за катастрофи – вели тој.
Според него, оштетувањето на патиштата е поголем проблем на локациите каде што се вози побрзо, а тоа е најчесто на автопатиштата.
– Штетите се многу посериозни онаму каде што има посериозни оштетувања, а се вози мошне брзо. Тоа е на автопатиштата, каде што никој не вози со мала брзина, а токму налетувањето на поголемо оштетување може да предизвика хаварија од невидени размери. Друго е низ градовите каде што брзината е ограничена на 50 километри на час, возачите можат да запрат побезбедно отколку на автопатиштата – вели тој.
Според сообраќајните експерти, многу малку се инвестира во санирање на отворените дупки.
– Се чека улицата да стане непроодна, да не може да се вози по неа, па дури тогаш властите посегнуваат по санација и тоа со апсолутно затворање на целиот пат, автопат, пренасочување на сообраќајот…, а реално, од тоа нема потреба кога би се санирале дупките навремено – вели тој.
Дополнително голема дискусија во јавноста предизвикаа шахтите, кои или се испакнати или вдлабнати, а и тие предизвикуваат големи оштетувања на возилата.

Модерните автомобили не се наменети да се возат по лоши патишта

Сепак се поставува прашањето колку возењето по нерамнини, дупки и ненивелирани шахти предизвикува штета кај автомобилите.
Според сообраќајните експерти, современите автомобили не се наменети за возење по лоши патишта, освен теренците.
– Деловите за суспензија на ваквите автомобили се направени така што возилата можат да се движат по мазни асфалтни површини. Деловите за суспензија се направени да бидат што е можно полесни за возилата да не бидат претешки, да трошат помалку за нивното производството да биде поевтино. Во последните десет години, повеќето патнички возила имаат гуми со низок профил за да имаат најдобри можни перформанси на добри асфалтни површини – вели експертот.
Тој објасни и што најмногу се оштетува кај возилата.
– При удар на вакви современи возила на места каде што е оштетен асфалтот се оштетуваат разни алки, амортизери и други делови од суспензијата, а да не зборуваме за алуминиумските бандажи, кои многу често трпат такви оштетувања, што бараат скапи поправки или замена – вели тој.
Според познавачите, штетите на возилата се движат од неколку стотици евра за најевтините автомобили, а за поскапите штетите можат да достигнат и илјадници евра.
– Современите автомобили не се наменети да се возат по лоши патишта – објаснува тој.

Страдаат и пневматиците

Голема е бројката на автомобили што претрпуваат штети од дупките и испакнатите или пропаднати шахти.
– Имаме пример каде што работат на пат, го раскопуваат, а дупката на патот останува една недела додека не се санира, рабовите се остри, луѓето не забележуваат, паѓа самрак, дождот ја полни со вода, асфалтот е црн, таа дупка е иста боја и не забележуваат, поминуваат со поголема брзина и пука гумата – вели Владимир, техничар за автомобилски гуми.
Според него, постојат правила според кои треба да постапуваат возачите кога наидуваат на вакви ситуации додека возат.
– По постудените зимски денови и придружните врнежи, на патот се отвораат дупки и може да поминат неколку дена додека да се санираат. Секако, идеално е ако можеме навреме да ја забележиме и да ја избегнеме или да забавиме, т.е. да ја преминеме дупката со брзина на пешак за да се избегне потпирањето или оштетувањето на воланот на поголемите – вели тој.
Се препорачува, доколку брзината на возилото пред дупката е поголема, да ја отпуштите сопирачката пред самата дупка, бидејќи ударното оптоварување на тркалото што се сопира е поголемо отколку ако слободно вози. Доколку не успееме навреме да забавиме или да ја избегнеме дупката и дојде до невообичаено силен удар на тркалото на возилото и потоа возилото повеќе не ја одржува саканата насока на управување, можно е да има одредено оштетување на возилото. Се препорачува застанување на безбедно место и контакт со помош на пат.
– Големите дупки или оштетени капаци на шахтата, најверојатно, ќе ги оштетат бандажот и гумата во моментот на ударот, а доколку се работи за поголема брзина, може да бидат оштетени и различни делови од суспензијата, како што се виљушката, амортизерот, воланот, и да го оневозможат продолжувањето на возењето – вели Владимир.
Според него, и помалите дупки ги оштетуваат возилата.
– Доколку почесто ги вкрстуваме, помалите дупки сигурно ќе го забрзаат абењето на суспензијата и управувачките делови. Најчести се топчестите спојници, гумените лежишта, амортизерите, лежиштата на тркалата, пружините, управувачките алки и самиот управувачки механизам, како и други подвижни делови во суспензијата и воланот – нагласува тој.
Сите вулканизери со кои се консултира екипата на „Нова Македонија“ едногласно одговорија дека кога ќе поминеме преку дупка, ако забележиме дека нешто тропа, ако воланот нема правилна насока на движење или дека има вибрации на воланот, тогаш имаме знаци дека нешто не е во ред со суспензијата и дека е потребно да се посети сервис пред редовниот технички преглед на возилото и да се поправи неисправноста.
Она што е најважно е граѓаните да им бидат партнери на локалната и на централната власт, па доколку забележат оштетувања на патот, важно е да ги известат, за што е можно побрзо да го санираат оштетувањето.

[email protected]