Во Тетово десетгодишно дете е повредено од бездомно куче, а неговата мајка на социјалните мрежи објави фотографија од раните на ногата. Инцидентот се случил вчера во 18:30 часот, додека еден час подоцна, случајот е евидентиран и во СВР Тетово.
– На 29.03.2024 во 19.30 часот во СВР Тетово З.И. (45) од Тетово пријавил дека на ул. „Бане Стефановски“ во Тетово неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник – информираше МВР.
Мајката Весна образложи дека детето играло пред детска градинка.
– Му се пуштиле шест улични кучиња, едно го каснало. Паднал, се влечел и викал помош. Фала на тие што дошле и му помогнале. Пред некој ден кучиња го нападнаа другар му Јаков, пред тоа и другар му Марко, а и уште куп баби, тетки, мајки … Што стана од градов – вели во написот мајката Весна Илиќ.
Револтираната мајка на Фејсбук освен што ја опиша случката, повика општина Тетово како приоритет да ги има безбедноста и благосостојбата на граѓаните.
Во Тетово во мај 2023 година заврши последниот тендер со кој на невладина организација и беше овозможено да ги третира бездомните кучиња. На почетокот на март годинава, градоначалникот Касами се пожали дека има опструкции во подготовка на тендерот. Месецов голем број пријави се бележат во СВР Тетово поради повреди добиени по напади од бездомни кучиња.