Бебето што вчера почина на Детската клиника во Скопје претходно било одбиено за сместување на клиниката, потврди министерот за здравство Арбен Таравари.
Тој вели дека детално е запознаен со случајот. Но, причината зошто девојчето не било хоспитализирано на клиниката и сите подетални информации околу случајот ги очекува од комисијата, која утре ќе ги истражува двете клиники каде бебето беше лекувано. Според министерот кој и да е виновен за случајот мора да сноси одговорност.
– Вратено било, за жал. Дали поради лекарска грешка или незнаење треба да се констатира. Дефинитивно треба да се има одговорност. Меѓутоа, не очекувајте од мене уште од денес да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат сѐ во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем – изјави Арбен Таравари.