Фото: Макфакс

Адвокатот Димитрија Цобоски кој го застапува Илија Спасески кој е обвинет дека поради национализам го натепал Христијан Пендиков кој се произнесува како Бугарин, тврди дека тоа не е точно, објавува „Макфакс“. Тој посочува дека во овој случај прсти замешала политиката.

– Како може да биде напад поради омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа? Тој е воспитан во дух секого да сака и најмалку да мрази било кого. Сега размислете дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички акцент, призвук кој се исполитизира до страшни граници. Ова е чисто политичка работа – кажа адвокатот Димитрија Цобоски.

Адвокатот го коментираше и гостувањето на Пендиков во БТВ.

– Неспорно е дека тој не знае кој го удрил од позади, тој не знае кој го шутирал, дека бил тепан 10 минути – вели Цобоски.

Тој беше прашан и за што била тепачката.

– Ќе видиме тоа треба да го докаже обвинителот. Ние имаме објаснување и во текот на постапката ќе го кажеме – истакна адвокатот.

Рочиштето за претепувањето на Христијан Пендиков се одложи по 20 минути од почетокот, а по барање на адвокатите на обвинетиот Илија Спасески. Тие пред судијата Бојан Мартиноски кажаа дека не им се доставени сите докази со кои Обвинителството ќе докажува вина судот. За нив е важно да ги имаат аудио и видео записите со кои располага обвинителот, по што обвинетиот Спасески ќе може да се произнесе за вина. Со ова се согласи и судијата Мартиноски.