Во текот на изминативе 24 часа во кичевијата избувнаа два пожари и тоа во месноста Турла и во непосредна близина на село Колибари. Во двата пожари зафатена е дабова и борова шума, а близината на пожарот беше закана и за дел од селските куќи во ова населено место.

-Во нашиот регион во изминатите 24 часа регистрирани се два пожари и тоа пожарот кај месноста Турла и пожарот во непосредна близина на село Колибари. Пожарот кај месноста Турла е локализиран и не постои опасност од негово проширување, додека пожарот во близина на село Колибари, благодарение на брзата и навремена интервенција на ТППЕ Кичево и доброволци од самото село, избегната е опасноста пожарот да се прошири и на дел од селските куќи. Главен сојузник на пожарот кој ја отежнува состојбата е ветерот кој дува во променлив правец и кој го потпомага ширењето на огнената стихија – информираа од РЦУК Кичево.

Инаку ова лето и покрај големата суша, бројот на пожарите во овој регион е под повеќегодишниот просек.