Поранешниот претседател на општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Центар, Томислав Лазаров, кој доби условна казна од шест месеци во случајот „Насилство во општина Центар” сведочеше на денешното рочиште. Тој во 2013 година бил советник во општина Центар. Објасни дека во партијата ВМРО-ДПМНЕ одржале состанок со тогашниот Кирил Божиновски, кој дал насока да се повика членството за протест пред општината, а потоа дознал дека се формира здружение „Веритас“, кое ќе стои зад организацијата на протестите.

– Се сеќавам на седницата на чиј дневен ред беа поставени четирите, тогаш за нас спорни точки, со коишто тогашното мнозинство во советот на општина Центар сакаше да ги стави вон функција, односно да ги поништи ДУП-овите на општина Центар. Причините за повлекување на точките од дневниот ред се противзаконски, против уставни и требаше да бидат поништени. Паралелно со нашите како советничка група, јас како претседател на ОК отпочнав и дополнителни активности односно состаноци со членови на партијата кои не информираа дека се формирало здружение „Веритас“ кое ќе организира пред се, мирни протести за стопирање на рушењето на црквата св. Константин и Елена. За таа цел неколку пати бевме повикани од тогашниот генерален секретар на партијата и Владата, Кирил Божиновски, а каде беше и целиот градски комитет, односно сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ на територија на град Скопје. Тогаш сите состаноци беа единствено да се повика членството, односно да се информира дека на тој и тој ден ќе има мирен протест со почеток во 11 или 12 часот пред споменикот Мајка Тереза во центарот на Скопје – вели Лазаров.

На состаноците не се говорело за насилно однесување, туку за масовност на протестите, сведочеше Лазаров, дополнувајќи дека по средбите со Божиновски, имале насока секој општински комитет да има состанок со структурите за информирање на активностите кои биле разговарани со тогашниот генерален секретар.

– Покрај нашите насоки како советничка група кои ги имавме искоординирано, во текот на денот, но и пред самото отпочнување на седницата, имав одредени контакти во вид на пораки и јавувања со тогашниот генерален секретар Кирил Божиновски, но и координаторот Миле Јанакиески. Комуникацијата беше во правец на тоа да бидат во тек што се случува во салата на општина Центар. Во меѓувреме, додека траеше разубедувањето за точките на дневен ред, пристигнаа и луѓето кои беа предводени од дружението „Веритас“ – посочи Лазаров.

Пред вториот ден од протестот, Лазаров сведочеше дека се давале и други насоки со цел масовност на протестот. На продолжението од седницата, советничката група не можела да влезе во салата поради ограда која била поставена пред влезот на општината. Пред општината имало поддржувачи на СДСМ.

– Јас давав информации што се случува во салата на Божиновски и Јанакиевски. Некогаш тие бараа, некогаш јас самоиницијативно. Целосно беа во тек што се случува внатре. Никој од другите 11 советници немаше директна комуникација со нив двајца или било кој висок партиски функционер. Протестантите беа дојдени до прозорците, ја бутнаа оградата. Сите беа доведени во опасност, а претседателот на совет даваше паузи за да масата надвор биде отстранета од близина на салата или пак смирена. Тоа не се случи, туку напротив тензиите растеа, што во опасност беа сите присутни во салата. Им кажав на Јанакиески и Божиновски дека претседателот нема намера да ги отстрани точките од дневен ред – додаде Лазаров.