Премиерот Зоран Заев најави одговорност од институциите доколку поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков не биде пронајден, но кажа оти очекува и истрага за неговото исчезнување и расветлување на случајот.

– Народот бара и очекува правда. Се случи уште едно бегство. Јавноста е информирана дека судот донел одлука за притвор на Мијалков, кој што се очекува да биде осуден со пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“. Прочитав за мерката. Исто како и целиот наш народ, така и јас, сме разочарани што се уште не е пронајден и приведен Сашо Мијалков. Барам веднаш да постапат институциите и да го пронајдат. Убеден сум дека може да се спроведе. Очекувам детални информации од МВР и детали со истрага за самиот случај од судот, јавното обвинителство и МВР. Очекувам одговорност ако не се спроведе решението за притвор, за лицето кое обвинето во случај кое за мене е еден од најважните случаи – рече Заев.

Тој вели дека МВР постапува по законот и така било постапено.

Заев рече дека одговори на сите прашања поврзани со непронаоѓањето на Мијалков и деталите за тоа кога е последен пат виден и како е постапено, ќе има наредните денови.

– Реков дека ќе побарам одговорност, кога ќе ги имаме деталите. Во БЈБ е примена наредбата и постапено по неа. Ако има било каков пропуст, ќе побарам јавно одговорност. Не можете да очекувате од мене да правам јавна истрага пред микрофоните и камерите. Ќе очекувам одговорност за ваквиот случај таму каде затаило спроведувањето на законот. Очекувам Мијалков да биде ставен во домашен притвор – додаде Заев.

Запрашан дали бегството на Мијалков е политички договор, Заев негираше.

– Нема политички договор, апсолутно. Јас сум задоволен што по пљачкање на државата, сме обезбедиле правен процес, кој оваа недела треба да заврши. Веќе е најавена казна, на јавните седници, и веројатно тоа е причината што Мијалков не можел да би пронајден дома. Апсолутно до крај, владеење на правото, без разлика за кого, каков момент, за власт или опозиција. Очекувам целосна разрешница и за случајот – одговори Заев.