Обвинителството прави „бајпас” во неможност да ги докаже наодите во обвинителниот акт и наодите истакнати во воведниот збор, со кои ја креира тезата на обвинението, и од докази извадени од контекст прави конструкција по секоја цена, кажа адвокатот Александар Новаковски, кој побара ослободителна пресуда за обвинетиот Миле Јанакиески во завршните зборови од судењето за „Организаторите на 27 април”.
– Ниту имало план за делото кое се става на товар на Миле Јанакиески, ниту е посочен доказ за постоење на таков план. Нема доказ за каков било контакт на Миле Јанакиески со другите обвинети – кажа Новаковски, додавајќи дека во изменетиот обвинителен акт не се става на товар учество или организирање насилство.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.