Откако Димитров рече дека нема целосна доверба во Османи во однос на преговорите со Бугарија затоа што се сака да се постигне договор по секоја цена, шефот на дипломатијата реагираше повикувајќи ги колегите да го задржат нивото и довербата кои долги години меѓусебно ја граделе за да се обезбеди европска иднина.

Димитров нема доверба во Османи, за Ковачевски смета дека нема искуство за надворешната политика

– И моите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои како Влада активно ги застапуваме, и тоа: и кога заеднички ги градевме државните интереси при создавањето на Договорот од Преспа; и кога заеднички го создававме Договорот за пријателство со Бугарија; а и сега, кога повторно разговараме за надминување на разликите со нашите соседи -вели Османи.

Тој вели дека пред нас има нов политички моментум создаден од новите влади во Софија и Скопје и граѓаните очекуваат да се искористи шансата да се зајакне довербата меѓу двете држави, за што веќе е договорена посетата на бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков на 19 јануари, а се разговара и за заедничка владина седница на 25 јануари. Затоа, бара Османи, колегите да имаат фер однос.

-Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер. Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме – вели Османи.
Во неговата реакција по изнесените критики од Димитров, шефот на дипломатијата го објаснува и начинот на кој се водат преговорите со Бугарија со цел, како што вели, правилно да се информира јавноста.

Преговорите на техничко ниво, пишува Османи, ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од МНР и тие реферираат пред него како министер.
-Воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв. Во истата насока, за важните стратешки прашања во Владата секогаш се формира Работна група – највисоко политичко тело кое по правило го предводи Премиерот, и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава, кои Владата и Министерството за надворешни работи ги застапува при разговорите со своите колеги – објаснува Османи.

Ова, додава министерот, не се однесува само на сегашните разговори туку е етаблирана пракса која се применила и при создавањето на Договорот од Преспа.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби денеска изјави дека не постои никаква основа граѓаните да бидат загрижени во однос на преговорите на земјава со Бугарија кои ги води министерот за надворешни работи.
-Секој договор што евентуално би бил постигнат треба да биде претставен и прифатен од граѓаните. Ние се солидаризираме со нашите граѓани Македонци и апсолутно се постројуваме со нив во одбрана на идентитетот, на јазикот и на сите други чувствителни прашња – вели Груби.