Фото: Фејсбук/Артан Груби

Вицепремиерот Артан Груби се огласи по веста дека возило, кое е на негов сосед, беше опожарено утринава околу 3.30 часот.

Груби во својата изјава објавена на Фејсбук, му се извинува на пријателот и воедно тврди дека случајот е поврзан со неговата работа.

„Им се извинувам на сите мои соседи во моето маало за големиот метеж синоќа пред нашата зграда само поради мојата работа. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и на неговото семејство за штетата предизвикана само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам белег со работа и дела, а не да ги тероризирам семејството, соседите и пријателите. Континуираните закани и последователните напади ги сметам за кукавички и подмолни, но немам намера да престанам да работам и да ги исполнувам очекувањата на граѓаните. Им изразувам благодарност до сите мои соседи, како и до безбедносните сили за нивните напори за решавање на синоќешниот напад“, се вели во објавата на Груби.

Принтскрин

МВР утринава соопшти дека опожареното возило е во сопственост на лицето Б.Л. (35), кое вчера и го паркирало пред зградата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи се огласи за опожареното возило поврзано со првиот вицепремиер Артан Груби.

-Овој грозоморен чин на насилство не е само напад на почитуван колега, туку и навреда за нашите демократски вредности и структурата на нашето општество. Ова го кажувам, не само како министер, туку и како загрижен граѓанин, за најостро да го осудам овој чин на подметнување пожар. Насилството нема место во цивилизирано општество и таквите постапки никогаш не можат да се оправдаат. Ги повикувам властите да спроведат темелна истрага за да се открие вистината зад овој инцидент и веднаш да се изведат одговорните пред лицето на правдата – вели Османи.