Фото: Игор Бансколиев

Австралискиот хеленски совет преку писмо до австралискиот премиер Ентони Албанезе бара да се почитуваат одредбите од Преспанскиот договор, за кои тврди дека се игнорирани од одредени австралиски владини агенции.

Во писмото потпишано од претседателот на Австралискиот хеленски совет Еван Какулас се бара од австралиската влада да ги упати сите служби и организации да ја почитуваат спогодбата.

Потписникот на апелот смета дека грчкото незадоволство е оправдано, поради, „континуирано и оркестрирано непочитување на договорот од страна на македонски субјекти, лица, компании и организации, веројатно, со пасивна и индиректна толеранција на Скопје, дури и во Австралија“.

– Ја повикуваме австралиската влада отворено да осуди иредентистички акции и територијални претензии, бидејќи создаваат општествена дисхармонија, немир и провокации за Австралиските Грци, кои отсекогаш почитувале расна толеранција и културен соживот и почит – се вели во писмото.

Згора, се бара од австралиската влада да ги признае правата на, како што се наведува, Македонците од грчко потекло (се вели дека над 2,8 милиони живеат во грчката провинција Македонија, а над 260 илјади живеат во Австралија) за кои Какулас тврди дека се со засебна историја и култура од населението во Македонија.

Во писмото се апелира за почитување на Преспанскиот договор и покрај тоа што е истакнато оти спогодбата помеѓу Атина и Скопје е спротивна на волјата на Грците ширум светот поради спомнување на терминот Македонија, за кој Какулас вели оти е „ексклузивно грчки“.

Австралискиот хеленски совет  и претходно упати слични барања до австралиските власти за доследно почитување на Преспанскиот договор и забрана на употребата на термините македонски/Македонци од страна на македонските организации во државата.

На ваквите барања на Хеленскиот совет реагираше и почесниот македонски конзул и долгогодишен активист во македонската заедница во Австралија, Зоран Ќосески, нагласувајќи дека современото австралиско општество се заснова на трите столба на мултикултурализмот – меѓусебното почитување, толеранција и разбирање со еднаков пристап до сите владини услуги.