Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општина Центар во соработка со Стоматолошкиот факултет – Скопје ги проширува проектите на бесплатни стоматолошки прегледи со кои покрај учениците, ќе може да ги користат и децата од градинките, кои исто така се во социјален ризик и сите пензионери во Центар.

Како што информираат оттаму, градоначалникот вчера одржал средба со проф. д-р Ќиро Ивановски, декан на Стоматолошкиот факултет – Скопје, проф. д-р Сања Панчевска – продеканот за настава, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска – раководител на катедрата за детска и превентивна стоматологија и секретарот Влатко Коколански со кои ги прецизирале деталите за проектот „Дејствувај за подобро орално здравје“.

-Покрај поправката на запчињата децата на Стоматолошкиот факултет ќе добијат и совети за здрави навики и здрава исхрана како и едукативни предавања за правилно четкање на забите. Преку овој проект важно е што дечињата од најмала возраст се соочуваат и го победуваат стравот од одење на забар. Во соработка со Здружението за пензионери, бесплатни стоматолошки услуги добиваат и сите пензионери во Општина Центар – изјави Горан Герасимовски.

Бесплатните стоматолошки услуги ќе може да ги користат деца во градинките и основните училишта чии родители имаат законски одредена минимална плата, се корисници на социјална помош, се самохрани родители со законски одредена минимална плата, глувонеми родители со законски одредена минимална плата или пензија, слепи родители со законски одредена минимална плата или пензија.

Заинтересираните пензионери од денеска можат да закажат бесплатен стоматолошки преглед на следниот телефонски број: 071/223-320, секој работен ден во период од 8:00 до 14:00 часот. Стоматолошките прегледи ќе се спроведат од 20.2.2023 до 24.2.2023 година во претходно закажаниот термин. На овие стоматолошни прегледи пензионерите ќе добијат дополнителен датум следствено проблематиката на услугата и потребната стоматолошка интервенција.

-Целта на овој проект е подигнување на свеста и поттикнување на семејствата и заедницата за преземање мерки за намалување на штетните последици кои ги предизвикуваат оралните болести. Преку овие бесплатни стоматолошки услуги особено децата ќе научат како правилно се четкаат забите, како се одржува оралната хигиена и колку е важно оралното здравје почнувајќи од најраната возраст – се вели во соопштението.