Разорниот земјотрес во Турција нема да ја стресе Македонија, уверува професорот Михаил Гаревски. Тој за „Макфакс“ вели дека Македонија може да здивне бидејќи во следниот период од неколку месеци не се очекуваат потреси. Нагласува дека земјотресите не можат да се предвидат, но земјотрес со поголема јачина не се очекува.
-Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија. Ние сме друго сеизмичко подрачје и далечината од источно-анадолскиот расед е преголема за да се трансферира редистрибуцијата на напрегањето од денешниот земјотрес – вели Гаревски за „Макфакс“.
Професорот објаснува дека земјотресот во Турција од утрово не е изненадување, имајќи во предвид дека земјата е едно од најтрусните подрачја на светот заедно со Јапонија, Индонезија, Америка и Чиле.
-Ваков земјотрес не е за изненадување, но сепак ова е еден од најголемите земјотреси во историјата на Турција. Таму најсилниот земјотрес кој го имало се случил во 1939 година во градот Езерџан со магнитуда 7,9 степени според Рихтер и имал 17.000 жртви. Езерџан се наоѓа на почетокот на северно-анадолскиот расед долг 1200 километри. Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтер се случи и на крајот на истиот расед близу Истанбул во 1999 година, исто така со 17.000 жртви. Тогаш ја предводев екипата од Македонија која излезе по две недели од земјотресот. Глетката беше страотна како и оштетувањата. Констатацијата беше дека бројот на жртви е предизвикан и поради исклучително слабите градби – додава Гаревски за „Макфакс“.
По 1999 година, Гаревски цени дека Турција многу ги зајакнала контролите и мерките за сигурна градба. Имајќи ја в предвид јачината на сегашниот земјотрес, Гаревски смета дека на градбите навистина се внимавало, а тоа го покажува бројот на жртви.
-Засега бројот на жртви, официјално е 1500. Би бил среќен да се остане на тоа. Но имајќи ја во предвид силината на земјотресот, очекувано е бројот на загинати да надмине 5.000 жртви. Но дај Боже да грешам – посочува професорот.
Според Гаревски во регионот околу земјотресот во Турција, очекувани се афтершокови чиј интензитет ќе се намалува.