Денот на државноста на Република Хрватска и Денот на вооружените сили вчера беа одбележани во Скопје, во организација на Амбасадата на Република Хрватска во Македонија.
Денот на државноста е национален празник кој се слави на 30 мај во знак на конституирањето на првиот демократски избран повеќепартиски Парламент. На овој ден во 1990 година, хрватскиот парламент ја одигра својата историската улога во зачувувањето на хрватската државност, потврдувајќи го територијалниот суверенитет, интегритет, јазик, култура и самобитност на целата територија на Хрватска.
Домаќини на настанот беа хрватската амбасадорка во Македонија, Нивес Тигањ и военото аташе, полковник Стјепан Домјанчиќ.
Многубројните гости од јавниот живот, бизнисмени, културни и спортски работници, но и од највисокиот државен врв на Македоноја кои присуствуваа на свечениот настан, по интонирањето на хрватската и на македонската национална химна, ги поздрави амбасадорката Тигањ. Таа го истакна задоволството што ги извршува дипломатските обврски и должности меѓу пријателски луѓе, а се осврна и на историските корени на пријателството меѓу двете земји. Хрватска, која што е членка на Европската Унија, се залагаше и се залага, како што кажа, да ни ги покаже патиштата и институционалните формули за поефикасна интеграција во европското семејство. Амбассдорката Тигањ посака среќа, побрза интеграција како дел од заедничкоито друштво на ЕУ.
Во еден многу пријатен амбиент, на настанот проследен со македонска и хрватска музика, хрватско- македонското пријателство се огледа и потврди на едно различно, неформално и присно ниво, низ поопуштени пријателски и конструктивни разговори, што понатаму, како што истакна амбасадорката Нивес Тигањ во својот поздравен говор ќе се развијат во продуктивни бизнис, културни, научни, образовни, политички и други форми на соработка кои на двете држави и народи ќе им донесат единствено просперитет и благосостојба.
Фото: Амбасада на Хрватска