Фото: Приватна архива

Пожарникарите вложуваат натчовечки напори да успеат да ги локализираат настанатите пожари секаде каде што се појавуваат, насочувајќи се да спасат што е можно повеќе материјални добра, имоти и пред сè човечки животи

Интервју со Боби Вељаноски, генерален секретар на Независниот синдикат на пожарникари

Тешко е воопшто да се зборува за постоење на систем за противпожарна заштита, зашто веќе долги години во земјава функционира само човечкиот фактор од целиот тој систем. Невложувањето во оваа сфера со години е главната причина за лошата кондиција во која сега се наоѓа противпожарната опрема. Сѐ што би било набавено во овој момент се смета за најнеопходно.

Боби Вељаноски, генерален секретар на Независниот синдикат на пожарникари на Македонија, пожарникар-командир на вод во БППЗ на Град Скопје, со ефективен стаж како пожарникар од 28 години, во интервју за „Нова Македонија“ вели дека од кадровскиот капацитет, каде недостасуваат пожарникари, па сè до техничкиот, во кој просекот на старост на техниката е над 30 години, се два основни елемента на кои треба итно да се работи.

– Моментно во државата фалат околу 500 професионални пожарникари, што секако не е мала бројка ако се знае дека има околу 850 професионални пожарникари во државата во 32 Територијални противпожарни единици – посочува тој.

Иако од помали размери, пожари изминатите месеци беа евидентирани речиси насекаде низ земјава. Тие зафатија широк дел од територијата на Македонија, како Скопско, Кочанско, Штипско, Прилепско, Кумановско, Гевгелиско, а најкритично беше на потегот од Пехчево до Делчево.

Според Вељаноски, пожарникарите вложуваат натчовечки напори да успеат да ги локализираат настанатите пожари секаде каде што се појавуваат, насочувајќи се да спасат што е можно повеќе материјални добра, имоти и секако човечки животи.

ее Фото: Приватна архива

Колку системот на противпожарните единици е подготвен да одговори на предизвиците од пожари?

-Во нашата држава тешко е да говориме за систем, затоа што систем се подразбира и ред во функционирање на сите негови елементи, како и јасна поставеност на пеосебните задачи и надлежности. Државата подолг период не вложува доволно финансиски средства, но морам да напоменам дека и оние средства кои ги вложува не се распоредуваат правилно помеѓу субјектите кои го сочинуваат целиот систем, а пред сѐ, мислам на оние кои директно се вклучени во системот на оперативно дејствување, како би можеле однапред да бидеме сигурни дека истите би биле подготвени за предизвиците кои ги носи противпожарната заштита.

Неблагодарно е да не се спомене дека единствено што сме сигурни е само во човечкиот фактор, а тоа се пожарникарите кои се подготвени со своите лични знаења, вештини и залагање да се справат со сите предизвици кои ги носи професијата. Сепак, тие самите не можат да претставуваат подготвеност во целина на целиот систем кој би требало меѓу другото да постои и за нивна заштита при работењето и поефикасна и побезбедна работа на терен.

Во каква кондиција е техничката опременост на противпожарните единици?

-За жал, освен во поединечни локални самоуправи, каде што самите единици на локална самоуправа од своите мали и ограничени буџети одвојуваат одредени финансиски средства, за да направат какви-такви вложувања во техничката опременост во своите противпожарни единици.

Во поголемиот број од општините изостанува дури и најосновната опрема за било какви противпожарни интервенции. За возилата и другата опрема може да кажеме дека е стара и по неколку децении, а не години. Овој проблем е повеќедецениски и со својата долготрајност има т.н. ефект на снежна топка, кој само се зголемува од година во година и доколку продолжи овој тренд се поставува само прашањето кој ќе го купи катанецот за да се затворат противпожарните станици во некои од помалите општини.

Дали се научени лекциите од ланското искуство, што сега е подобрено во споредба со лани?

-Единствениот дел од целиот систем кој е вистински подготвен за справување со предизвиците се само луѓето кои работат како професионални пожарникари. Тие се спремни и во вакви какви што се условите во кои работат тие ќе го дадат својот максимум. Го даваат максимумот од себе, иако се чувствуваат обесправени од некои случувања од минатата година. Ќе прашате за што се работи.

Морам да ви наведам како пример дека на истите тие пожртвувани работници сѐ уште не им се исплатени ветените награди за покажаниот труд за ланските летни пожари во Кочани, Берово и Пехчево, кои им беа ветени од Владата. За истите дури беа испратени и списоци со ангажирани пожарникари, а до денес не се исплатени. Искрено ќе бидеме позитивно изненадени ако во оваа летна сезона барем тие награди бидат платени на сметките на пожарникарите со што ќе дадат дополнителна мотивација за оние кои навистина се први во справувањето со огновите.

Фото: Приватна архива

Со какви капацитети располага државата за гаснење на пожари?

-Капацитетите на локалните самоуправи во делот на противпожарната заштита се клучни за брзото и ефикасно справување со пожарите. Кај дел од единиците, нивото на опременост, но и на бројот на вработени во територијалните противпожарни единици е многу ниско, што консеквентно предизвикува дополнително напрегање на исто така ограничените единици на државните служби од ДЗС и ЦУК, за реакција во ситуации како оние при постоење на ниво на нормална опременост и исполнетост со човечки потенцијал во општините не би се случувало.

Мора да се напомене кога зборуваме за бројката на пожарникари дека моментно во државата фалат околу 500 професионални пожарникари, што секако не е мала бројка ако се знае дека има околу 850 професионални пожарникариво државата во 32 Територијални противпожарни единици.

Во рамките на државните органи постојат сериозни проблеми во разбирањето на своите надлежности и обученоста за реакција при посериозни интервенции. Она што обичниот граѓанин најчесто го воочува е употребата на воздухоплови за гаснење на пожарите, а никој во државата сеуште не го поставува прашањето за тоа како тоа функционира и како е усогласена работата на сите различни субјекти во праксата на теренот.

Што е најнеопходно да се набави за гасење на пожари од ваков тип?

-Да бидеме реални и искрени, во овој момент нема нешто што е најнеопходно, бидејќи сѐ што би се набавило е најнеопходно. Состојбата е таква што дури и со сериозни финансиски инвестиции во оваа сфера во било кој дел: почнувајќи од средства за личната заштитна опрема на пожарникарите, па завршувајќи во инвестирањето во нови технологии за гаснење на пожари и нова техничка опрема, вклучувајќи и модерна обука на вработените, би претставувало нешто што е основна потреба за нормалното функционирање на една сериозна противпожарна единица во 21-виот век, нешто што изостанува да се случи во нашата држава.

Доцниме, не само од светските и европските трендови со децении, туку истото ни се случува и со трендовите кои се веќе присутни во нашето соседство, а на кои во моментов може само да подзавидуваме како професионалци вработени во оваа област во Македонија.