Архива / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за животна средина во 2018 година најави категоризација на возилата во зависност од тоа колку загадуваат и субвенции за купување поеколошки возила. Законот за возила донесен во 2019, предвидува од јануари 2021 секое возило при регистрација да добие една од трите еколошки налепници во зелена, жолта или црна боја, во зависност од еколошката категорија и загадувањето што го прават. Освен еколошка такса при регистрација, категоризацијата како што беше најавено, требаше да се користи и за ограничување на движењето на возилата во градските зони во денови со зголемено ниво на аерозагадување.

И додека некои граѓани веќе направија промена на своите возила водени од најавените измени, сепак целата работа е сè уште заглавена и чека Министерството за економија да донесе Правилник за категоризација пред да може да почне да се применува.

Додека ние чекаме правилник, ЕК најави нова Еуро 7 регулатива

Возилата и транспортот имаат значителен удел во загадувањето на градовите и додека во Европа освен што при самата регистрација на возилата се наплаќа еколошка такса во зависност од тоа колку и како загадуваат, се повеќе градови и држави дополнително го уредуваат движењето на возилата во градските средини согласно загадувањето што го прават. Иако законот беше донесен во 2019 година и предвидуваше зелени еколошки налепници за возилата со Еуро 5 стандард, а во ЕУ на сила веќе беше Еуро 6 нормативата, во меѓувреме додека се чека правилникот од Економија за спроведување на категоризацијата во пракса, ЕК веќе најави и нови построги Еуро 7 норми за возилата.

Од Министерство за економија за МИА велат дека воведувањето на еколошка категоризација на возилата треба да почне по објавувањето на Правилникот и дека во моментов се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот согласно забелешките на Секретаријатот за законодавство.

– Министерството за економија изработи правилник со кој се пропишува постапката за определување на еколошката категорија на возилата, формата, содржината и начинот на поставување на еколошката налепница, како и висината на трошоците за утврдување на еколошката категорија на возилото и за изготвување на еколошка налепница и истиот го достави на мислење до Секретаријатот за законодавство. Во моментов, согласно забелешките на Секретаријатот за законодавство, се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот на правилникот – се вели во одговорот од Министерството.

Во меѓувреме, Европската комисија на почетокот на ноември годинава предложи регулатива со нови правила за намалување на штетните издувни гасови од моторните возила наречена – Еуро 7, во која првпат се регулираат емисиите на честички и микропластика генерирани од користењето на гуми и сопирачки.

Новата норма Еуро 7 ќе ја замени претходната и воведува единствен сет на правила за ограничувања на емисијата за сите моторни возила без оглед дали возилото користи бензин, дизел, електричен погон или алтернативни горива. Сите автомобили и комбиња кои ќе влезат на пазарот на ЕУ ќе мора да имаат нула емисии на јаглерод диоксид од 2035 година, но повеќе од 20 проценти од автомобилите и комбињата и повеќе од половина од тешките возила во 2050 година се очекува сè уште да испуштаат емисии на штетни гасови.

Новите правила поставуваат дополнителни ограничувања за емисиите на честички од сопирачките и микропластиката од гумите и ќе важат за сите возила, вклучувајќи ги и електричните.

Согласно Законот за возила, најавената еколошка категоризација кај нас ќе се врши во три бои:

Првата еколошка категорија (зелена боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на ЕУРО 4,5 и повисоко.

Втора еколошка категорија (жолта боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3.

Трета еколошка категорија (црвена боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови.

Глобите за возилата кои немаат еколошка налепница, согласно законот, се 1.000 евра за техничката служба и 250 евра за одговорното лице во техничката служба.

Еколошката налепница возачите нема да ги чини повеќе од 600 денари, а општините ќе треба да одредат зони на движење

Трошоците во постапката за утврдување на еколошката категорија на возилото, се на товар на сопственикот на возилото.