Фото: МИА

Професор д-р Нано Ружин, проф. д-р Трифче Сандев и д-р Александар Иомин и д-р Александар Василевски денеска ја примија државната награда „Гоце Делчев“ за делата „Балкански иконографии“, „Специјални функции на фракционо сметање: Апликации на дифузија и случајно пребарување“ и „Поствизантиски претстави на Страшниот суд од Република Северна Македонија – идејна основа, ликовни извори и иконографска анализа“.

Фото: МИА

Наградата се доделува за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката.

Фото: МИА

На свечениот настан за доделување на наградата се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој истакна дека државниот Буџет за научно истражување во 2022 и 2023 година е двојно зголемен во споредба со претходните години.

Фото: МИА

-Значајна сума од националниот Буџет се издвојува за поттикнување на научните истражувања. Државниот буџет за научно истражување во 2022 и 2023 година е двојно зголемен во споредба со претходните години. Најголемата распределба на Буџетот е насочена кон финансирање на научно истражувачки проекти за поддршка на истражувачката инфраструктура во академијата и во јавните истражувачки институции – рече Шаќири.

Според него, креирањето соодветни политики и преземањето мерки за развој на науката, како и поголемо инвестирање во науката се приоритет во нашата држава.

-Вложување во науката и научните истражувања треба да се зголеми во континуитет. Владата во континуитет се залага за подобрување на националниот екосистем за научно истражување – нагласи министерот Шаќири.

Според претседателот на одборот за доделување на наградата академик Љупчо Коцарев научно истражувачката дејност во земјава е целосно маргинализирана и сведена под неопходниот минимум.

Фото: МИА

-Појава на квази научни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет, а секторот наука е системски планиран и намерно уништуван од независноста до денес. Денес, 30-тина години од прогласувањето на нејзината независност, Македонија е повторно поробена земја, протекторат,… изберете кој било од овие термини и нема да погрешите, а за тоа се криви македонските политичари кои изминатите 30-тина години поддржувајќи лукративни, сервилни, недостоинствени форми на владеење или дивеење, ја трансформираа од слободна земја во поробена земја во која целосно се суспендираат македонскиот уставен поредок и правен систем – рече Коцарев.

Фото: МИА

По прв пат наградата „Гоце Делчев“ била доделена во 1949 година, а прв добитник бил истакнатиот македонски книжевен културен работник академик поет прозеист есеист Блаже Конески. На настанот присуствуваа и министрите за одбрана, за внатрешни работи, за локална самоуправа, за култура Славјанка Петровска, Оливер Спасовски, Ристо Пенов и Бисера Костадиновска-Стојчевска.