Фото: Архива на Музеј-галерија Кавадарци

Џоломари од неколку тиквешки села денеска бркаа лоши духови и со тоа ја испочитуваа долгогодишната традиција за Василица на овие простори.

Претставникот на џоломарската група од село Бегниште, Орданчо Лазаров, рече дека џоломарите го претставуваат културното етнографско богатство и наследство на човештвото од овој регион, го чуваат, негуваат, заштитуваат, развиваат и промовираат пред светот.

Тој нагласи дека се гордее со многувековната традиција која претставува вистинска атракција каде и да се појават.

–  Џоломарството се чува и негува во Бегниште како очите во главата. Се пренесува од дедо на внук. Се маскираат од најмлади до најстари припадници на машкиот пол. Со волнени ќулавки и долги бради, сламени грпки, клопотарци и стапови, исцрнети лица со саѓи од фурните, кои се чуваат и пренесуваат како семејно богатство и наследство, страшните џоломари прават врева и ги бркаат лошите духови. Наместо тоа,  носат здравје и бериќет, среќа и позитивна енергија. Со симулирање на сексуален чин со своевидната невеста во групата, се упатува пораката за нов живот ослободен од лошотии – подвлече Лазаров.