Фото: МИА

Македонските историчари на претпоследната средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, предложиле двете земји заедно да го одбележуваат денот на Холокаустот. Копретседавач на Комисијата, Драги Ѓоргиев, изјави дека бугарските историчари го одбиле овој предлог бидејќи не било време да се разгледува тој период од историјата.

-Беше речено дека кога ќе дојде време за тоа, ќе биде разгледувано. Ние сметаме дека заедничкото чествување на Холокаустот може многу да придонесе во подобрување на односите меѓу двете држави. Еден таков гест од бугарска страна би значело многу за подобрување на односите и за порака до македонското општество дека за некои настани од минатото може многу искрено да се настапи и да значат таков гест на релаксирање на други нивоа во тие билатерани односи – рече Ѓоргиев во интервју за Телма.

Според него бугарските историчари мора да постапат спротивно на изјавите од официјална Софија кои се во насока на негирање на бугарското учество во депортацијата на македонските Евреи.

-Тоа е според мене акт кој неминовно мора да се случи доколку сакаме да бидеме искрени во меѓусебните односи. Бидејќи без такво соочување на Бугарија со тој настан, без разлика колку го покриваат тоа со спасување на бугарските Евреи, кое неминовно се случило, неприфаќањето на чинот кој овде се случил го засенува тој чин таму – рече Георгиев.

Ѓоргиев вечерва изјави дека на нејзината последната средба, што се одржа во четвртокот и петокот во Скопје, е постигнато извесно приближување на ставовите за Охридската архиепископија во контекст на претставувањето на нејзиниот историски развој, улога и нејзиното значење за Христијанството и за словенското население на овие простори.

– Има приближување, но сепак не успеавме да дојдеме до конечна препорака. Остануваат некои недоразбирања, би рекол места во самото претставување во таа институција во учебниците по историја во кои се одразува повторно различното гледање на самите историографии, македонската и бугарската. Меѓутоа мислам дека имаше напредок и дека сме блиску до изнаоѓање решение и верувам дека на следната или веќе на наредната средба би можело да дојде до одредена препорака за тоа како да се претстави таа институција во рамките на учебниците – рече Ѓоргиев во интервју за ТВ Телма.

Нашето инсистирање овде, како што потенцира академикот Ѓоргиев, е да се нагласи улогата на таа институција во развојот на Христијанството, во негувањето на христијанската култура, во културното наследство, во областа на уметноста, на архитектурата, на писменоста која ја остава таа институција.

– И за нас тоа е многу поважно за самите деца, отколку да се навраќаме на некакви политички моменти од историјата на таа институција и мислам дека тука ги приближивме ставовите – вели тој.

Клучните разлики со бугарската страна се во наследството што го оставила Охридската архиепископија, но според Ѓоргиев можно е тие да наскоро да бидат надминати.

– Остануваат разлики околу тоа кое е наследството на таа институција и тука мислам дека ние јасно ставивме до знаење дека за нас важноста на оваа институција, како што реков, е културно-историско во сферата на уметноста, на културата, а не да бараме политички моменти од наследството на таа институција. Мислам дека тука сме приближно блиску да го оставиме тоа на страна- дециден е академикот.

Тоа, како што посочува Ѓоргиев, се историографски проблеми околу кои дебатираат не само македонската и бугарската историографија, туку и надвор од нашите држави и тоа е на едно повисоко ниво отколку момент кој би требало да биде најважниот момент во претставувањето на таа институција во учебници за 12-годишни деца.

На состанокот во Скопје во четвртокот и петокот информираше тој се разговарало за учебниците по историја за седмо одделение, за усогласување на текст за заедничко чествување на Гоце Делчев и за технички прашања околу усогласување на записниците на протоколите од самите средби.

Копретседателот на мешовитата македонско-бугарска комисија рече дека разгледувањето на нашите забелешки за бугарските учебници за шести клас се завршени и оти се усвоени седум забелешки. Во тек е разгледувањето на македонските учебници по историја за седмо одделение. Според Ѓоргиев, досега има усвоено четири забелешки и има уште забелешки од бугарска страна по кои треба да се работи.

– Конкретно се уште работиме на нивната забелешка за Охридската архиепископија и тоа е таа нивна забелешка која се провлекува три-четири средби наназад. Генерално има став на двете страни од Комисијата се додека не ги завршиме и бугарските забелешки за нашите учебници и не се навратиме наназад за нашите препораки за нивните учебници и на препораките кои ќе бидат усвоени за наши учебници на основа на бугарските забелешки, да не излегуваме во јавноста со препораки – рече Ѓоргиев.

Тој појасни дека препораките се доставуваат до самите влади кои се должни во рок од шест месеци, доколку не се согласат двете страни да ги објават, тогаш едната од страните има право да ги објави.

– Но, ние не смееме да ги објавуваме се додека не решат владите. Исто така да повторам ние сме договорени целосно да не ги усвојуваме тие препораки се додека не се навратиме на сите нив како целина на двете страни. Тоа е некоја нели работа на Комисијата која верувам дека во блиска иднина може да биде завршена – рече Ѓоргиев.

Двете страни, потсети тој, имаа вкупно 18 забелешки за учебниците.

Следната средба е договорена за 1 и 2 јуни.