Овој празник е еден најсветлите датуми во македонската историја, затоа што значеше почеток на едно ослободително и антифашистичко востание на македонскиот народ, кое беше крунисано со АСНОМ и втемелувањето на македонската државност. Со нападот на бугарскиот полициски участок во Прилеп партизанскиот одред Гоце делчев ја започна борбата против фашистичкиот окупатор која како пламен се прошири низ цела Македонија – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски во честитката по повод 11 Октомври- Денот на народното востание.
– Тоа е нашето свето антифашистичко наследство на кое сите граѓани на Македонија треба да се гордеат, затоа што застанале на вистинската страна на историјата и на тој начин го оствариле вековниот стремеж на илјадници други знајни и незнајни јунаци за слободна Македонија. Оваа борба беше континуитет на стремежот на кресненските и разловечките востаници, на гоцевите идеали, жртвата од илинденската епопеја и вербата на плејада млади синови и ќерки кои веруваат во слободата, човечкие правдини и во Македонија – стои во честитката.
– Борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против повампирените хегемонистички апетити кон Македонија – порача Мицкоски.
– Токму денешниот празник е најдобар доказ дека идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилното оружје на еден човек. Партизаните тој 11-ти Октомври 1941 година, како и нивните претходници револуционери покажале невиден хероизам да се спротивстават против фашистичкиот и секој друг окупатор на Татковината затоа што ги водела љубовта кон Македонија. Таа љубов гори во нас и нема да дозволи никој да се пазари со националните и државните интереси – додава Мицкоски.