Фото: ЕПА

Министерството за надворешни работи прави напори да ги извлече тројцата македонски државјани кои се уште се во Газа. Станува збор за брачен пар и еден државјанин кој е дел од меѓународните хуманитарни организации во Газа, но тој не покажува интерес да ја напушти Газа, информира денеска ресорниот министер Бујар Османи.

-Безбедносна проценка е на Израел, во Газа и во Египет кои луѓе можат да ја поминат границата, а кои не. Досега имавме дозвола да премине првото семејство на македонски граѓани кое е веќе во Скопје, работиме понатаму да ги убедиме за да може да излезе и брачниот пар. Има уште еден македонски државјанин кој е дел од меѓународните хуманитарни организации, но тој не покажува интерес да ја напушти Газа. Него го контактиравме, но нема интерес затоа што е дел од хуманитарни организации во Газа – рече Османи.

Нагласи дека моментално е стопирана процедурата за преминување на странски државјани од Газа во Египет.

-Денеска добив информација дека е бомбардиран граничниот премин Рафах и привремено е затворен за преминување од двете страни. Затоа во моментов е стопирана целата процедура за странски државјани да можат да преминат од Газа во Египет – посочи Османи.

Потсети дека вчера се сретнал со првите македонски државјани што ја напуштија Газа – брачниот пар и двете дечиња кои веќе се дојдени во Скопје.

-Вчера се сретнав со семејството кое се врати од Газа. Преку Египет ги вративме во Скопје со помош на Обединетите нации и ги сместивме со помош на Министерството за труд и социјална политика. Станува збор за брачен пар и две дечиња – прецизира Османи.