Фото: Пиксабеј

Вообичаено е да се каже дека „сите мажи ќе добијат бенигна хиперплазија на простатата ако живеат доволно долго“. Одреден степен на БПХ е присутен кај 80 % од мажите над 40 години, а се зголемува на 95 % од мажите над 80 години

Автор: Д-р Скендер Велији, специјалист по урологија во ЈЗУ-Општа болница –Гостивар

Што е бенигна хиперплазија на простата (БХП): Простатата е машка полова жлезда, сместена зад мочниот меур, каде што го опфаќа предниот дел на мочниот канал. Нејзината примарна функција е да произведува поголем дел од семената течност, која ја храни и транспортира спермата. БХП претставува прекумерно размножување на клетки во централниот дел на простатата и зголемување на простатата (од неканцерогено потекло), што резултира со притисок и стеснување на мочниот канал. Причината за појава на БХП е покачување на ензимот 5-алфа-редуктаза, кој е вклучен во трансформација на тестостерон во ДХТ (5-алфа-дихидротестостерон), што резултира со зголемување на простатата. БХП е најчестото заболување кај мажите постари од 50 години, чија инциденца расте со возраста, почнувајќи од 8 проценти кај мажите во четвртата деценија, па дури до 90 проценти во деветтата деценија од животот. Поради БХП, доаѓа до појава на т.н. опструктивни нарушувања: ослабен и наизменичен млаз при мокрење, тешкотии при мокрење, напрегање при мокрење (дизурија), капење капки по мокрењето, недоволно празнење и задржување урина (ретенција). Покрај ова, притисокот на зголемената простата на вратот на мочниот меур резултира со симптоми на долниот уринарен тракт (СДУТ) пред сѐ почест нагон за уринирање, дури и при мало количество урина во мочниот меур. Други иритативни симптоми се: често дневно мокрење (полиакизурија), ноќно мокрење (ноктурија), итен нагон за уринирање (ургенција), неможност за задржување урина (инконтиненција).
Симптомите на долниот уринарен тракт (СДУТ) е термин што се користи за да се опишат низа симптоми кои влијаат на контролата и квалитетот на мокрењето. СДУТ можат да се јават и кај мажите и кај жените, иако тие се вообичаени кај мажите и се поизразени со стареењето. Се проценува дека повеќе од 50 % од мажите над 50 години страдаат од симптоми на долен уринарен тракт.
Кај мажите најчеста причина за СДУТ е бенигното простатичнo зголемување (БПЕ), кое го опструира празнењето на мочниот меур. БПЕ се јавува кога бројот на простатичните клетки се зголемува, состојба наречена бенигна простатична
хиперплазија (БПХ). Други состојби кои можат да предизвикаат СДУТ вклучуваат мускулна слабост на детрузор или хиперактивност на детрузор, воспаление на простатата (простатитис), инфекции на уринарниот тракт, карцином на простатата и невролошки болести.

Инциденцата на БПХ се зголемува со возраста. Вообичаено е да се каже дека „сите мажи ќе добијат бенигна хиперплазија на простатата ако живеат доволно долго“. Одреден степен на БПХ е присутен кај 80 % од мажите над 40 години, а се зголемува на 95 % од мажите над 80 години. Сè уште нема задоволително објаснување за појавата на БПХ. Машките хормони може да играат улога, но никој не знае дали стимулираат хиперплазија или само обезбедуваат поволно опкружување за нејзиниот развој.

Помалку од половина од сите мажи со БПХ имаат симптоми кои вклучуваат:
1.Бавно или одложено мокрење
2.Слаб млаз
3.Нецелосно празнење
4.Наизменично (лажен прекин при празнење на мочниот меур)
5.Капење (капе урина што трае неколку секунди на крајот на мокрењето и е знак дека детрусорот веќе не може да го држи силниот млаз)
6.Ноктурија (треба да уринирате 2-3 пати во текот на ноќта)
7.Дизурија (болка во мокрење)
8.Хематурија (присуство на крв во урината)
9.Заостаток на урина (задржување урина)
10.Итно мокрење (силно и ненадејно мокрење)
11.Инконтиненција (неконтролирано истекување урина)

Дијагнозата на БПХ се поставува врз база на одреден алгоритам

Меѓународен простата симптом скор (IPSS) е интернационален стандард и е корисна алатка за процена и следење на влијанието на СДУТ врз квалитетот на животот кај мажите.
Се заснова на анкетирање со прашалник подготвен од АУА/ЕАУ.

Тестови на крвта

Рутинските тестови на крвта се корисни како дел од основната процена, особено ако постои клиничко сомневање за бубрежно оштетување или инфекција.
Уронализата обично е едно од првите истражувања што треба да се преземе, пред сè, за диференцирање на симптомите предизвикани поради инфекции на долниот уринарен тракт, но, исто така, може да помогне и во дијагностицирањето на болестите кои можат да дадат хематурија како симптом (на пр. камења на мочниот меур) или гликозурија (на пр. дијабетес мелитус).

1.Уринокултурата, исто така, е корисна за диференцирање на присутната инфекција и правилно лекување по антибиограм.

2.Тест за специфичен антиген (ПСА) на простата – Тест на крвта за тестирање на специфичен антиген на простата (ПСА) се препорачува за сите пациенти за кои постои сомневање дека имаат тегоби на простата за дијагноза на карцином на простата.

3.Дигиторектален преглед (преглед на простата со прст преку задното црево) открива зголемена и мека простата.

4.Степенот на проток на урина (Uroflow) може да се мери (кај мажи со БПХ, помал е од 10 милилитри во секунда).

5.Мерење на преостаната (рест) урина (количина на урина што останува во мочниот меур по мокрење) и големина на простата со ултрасонографски преглед.

6.Тест на уринарниот притисок за време на мокрење: Може да се мери притисок на мочниот меур за да се потврди дијагнозата или да се најде блокадата.

7.Цистуретрограм.

8.Цистоскопија – набљудување на простатата и мочниот меур.

Третман

Третманот на БПХ може да се подели во три групи:
Активно следење
Медикаментозен третман
Хируршко лекување

-АЛФА-1-БЛОКАТОРИ: Денешната терапија за бенигна хиперплазија на простатата вклучува употреба на алфа-1-блокатор: тамсулозин. Овие лекови може да се користат за лекување бенигна хиперплазија на простатата, бидејќи ги релаксираат мускулите на вратот на мочниот меур и го олеснуваат мокрењето.

-Инхибитори на 5алфа редуктазата: Дутастерид/Финастерид – Овој лек го намалува нивото на хормонот во простатата и со тоа ја намалува нејзината големина. Ја зголемува стапката на проток на урина и на тој начин ги намалува симптомите на бенигна хиперплазија на простатата. Понекогаш се потребни шест месеци за да се постигне големо подобрување. Сепак, можните несакани ефекти поврзани со употреба на овие лекови вклучуваат намален сексуален нагон, импотенција и гинекомастија.

-5 Фосфодиестераза инхибитори

-ОПЕРАТИВЕН ТРЕТМАН – Хирургијата обично е индицирана кај мажи со симптоми на инконтиненција, крв во урина, задржување урина и рекурентни инфекции на уринарниот тракт. Изборот на специфична операција обично зависи од сериозноста на симптомите и големината и формата на жлездата на простатата. Хируршкиот третман вклучува:

Tрансуретрална ресекција на простатата (TURP)
Tрансуретрална инцизија на простатата (TUIP)
Трансуретрална аблација (TUAI)
Ласерска хирургија (HoLEP)
Отворена простатектомија