Припадниците на Баталјонот на специјални сили, со воена церемонија во касарната „Илинден“ го одбележаа 1 март-Денот на единицата, кој го прославуваат во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, која е воедно и првата професионална единица.
Пред стројот на единицата се обрати началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој честитајќи го Денот на единицата, истакна дека визијата која беше трасирана при формирањето на оваа единица за создавање на мала, мобилна, но респектабилна и препознаена единица во регионот, во целост е остварена. На припадниците на баталјонот им порача да бидат горди затоа што овој баталјон по својата посветеност и врвна обученост, во општеството е препознаен како најдоброто од Армијата.
-Пожртвуваното ангажирање во неодамнешната хуманитарна операција го покажа капацитетот и професионалноста на оваа единица- истакна генералот Ѓурчиновски.
Командантот на Баталјонот на специјални сили, потполковник Оливер Зариовски во своето обраќање во име на сите припадници на единицата порача дека оваа единица во своето 29-годишно постоење никогаш не поставувала граници на своите можности, притоа потврдувајќи го мотото на единицата „секогаш и секаде први“, кое е сининим на подготвеноста не само безрезервно да се брани татковината, туку и достојно да се претстави и да се даде поддршка и помош секаде каде е потребно.
По повод Денот на единицата, се доделија стимулативни мерки на припадници на баталјонот кои постигнале особени резултати во работата во изминатиот период, меѓу кои беа и 58-те припадници од оваа единица ангажирани во неодамнешната хуманитарна операција во Туркије.
На денешната свеченост присуствуваа и државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, генералите во Армијата, команданти на единиците и претставници од Министерството за внатрешни работи.
Баталјонот на специјални сили во досегашното 29-годишно постоење се потврдува како најелитен армиски состав, кој предводи во обученоста и оспособеноста, отсликувајќи ја подготвеноста на Армијата. Како прв професионален состав секогаш кога е потребно ја покажуваше својата обученост и во активности каде е потребно пронаоѓање и спасување на човечки животи, како што беше случајот на скорешното ангажирање во хуманитарната операција во Република Туркије, но и многупати претходно.
Фото: Министерство за одбрана