Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Албанската опозиција повикува да се разгледа нивниот предлог на утрешната 129-та седница на Собранието каде што се предвидува да бидат и тие претставувани во Државната изборна комисија за следните претседателските и парламентарните избори што следат.

-Нашето барање е ставено како 15-та точка на дневниот ред. Затоа го повикуваме претседателот на Собранието, Талат Џафери, но и сите пратеници од мнозинството, ако сакаат да докажат дека не работат за да ги изманипулираат изборните процеси, и дека се залагаат за фер и демократски избори и се навистина ангажирани за спроведување на европските вредности, тогаш заедно да го разгледаат предлогот на албанската опозиција и да го исполнат овој уставен услов – рече на денешната прес-конференција Фадил Зендели од движењето Беса.

Додаде дека како албанска опозиција, пред неколку дена, ги информирале претставниците на власта и граѓаните за сите информации што ги имаат во врска со обидите на власта да ги манипулира изборите.

-Меѓу овие информации го спомнавме и обидот на министерот за надворешни работи Бујар Османи, за злоупотреба на положбата како претседавач со ОБСЕ за да влијае на одлуката за бројот на набљудувачи на изборниот процес. Но, уште еднаш ќе повториме дека албанската опозиција има сериозен план за да се справи со секаква можна манипулација од страна на власта. Обединетата албанска опозиција има легитимитет да побара правно застапување во изборните органи – изјави Зендели.