Фото: МИА

Постојат повеќе листи, согласно со кои различни лица се истражуваат во различни контексти за корупција, рече амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер одговарајќи на новинарски прашања при посетата на воениот полигон „Криволак“. Таа истакна дека Ричард Нефју, координаторот за антикорупција на американскиот Стејт Департмент, кој денеска беше во посета на земјава, не е дојден за да ги соопшти имињата на лицата што од земјава ќе се најдат на т.н. црна листа на САД за санкции.

-Тој не е тука да открива имиња за црната листа, ниту нешто слично. Туку е тука за да се дискутираат процесите, санкциите, протоколите коишто владата на САД ги има за прашањето за корупцијата -, рече Агелер.

Таа нагласи дека амбасадата е во постојана комуникација со Вашингтон, кога станува збор за прашањето за корупција.

-Мислам дека господинот Нефју е еден добар сојузник и промотор на сите овие процеси за борба против корупцијата, којашто сметам дека и за вас е едно од најважните прашања – посочи амбасадорката.

Воедно Агелер потврди дека повеќе од едно лице од земјава се очекува да се најде на т.н. црна листа на САД.

-Стојам зад тоа што го кажав пред некој ден и сметам дека е вистина. Меѓутоа информациите сепак треба да дојдат од Вашингтон. Јас не можам да ви дадам ниту некои временски рокови, ниту број за тоа колку лица би биле откриени – рече амбасадорката потврдувајќи го уште еднаш искажаниот податок дека повеќе од едно лице од земјава ќе се најде на т.н. црна листа на САД за санкции.